На седницата пратеникот од Алијанса за Албанците имаше процедурална забелешка и рече дека при влез во Собранието имал проблем со обезбедувањето на премиерот

Пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците на денешната собраниска седница, на која на дневен ред се поставувањето опозицикси пратенички прашања, му укажа на премиерот Христијан Мицкоски да му каже на своето обезбедување каде му е местото. На седницата Шаќири имаше процедурална забелешка и рече дека при влез во Собранието имал проблем со обезбедувањето на премиерот.
„Кога го имаме владиниот кабинет во Собранието, имаме сериозни проблеми со обезбедувањето на премиерот. Денес се соочив со една ситуација и сакав и премиерот и министерот за внатрешни работи да знаат. Кога доаѓаат тука се безбедни и нивното обезбедување не мислам дека треба да има дрон или да имаат сомнеж дека може нешто да се случи тука во Собранието. Сите ние сме пратеници и имаме имунитет“,
рече Шаќири без да прецизира за тоа какви проблеми имал.
Обраќајќи му се на премиерот Мицкоски, Шаќири укажа дека обезбедувањето треба да знае каде им е местото и оти пратениците имаат обврски кои им се дадени од народот.
„Разбирам дека имате ваш протокол и обезбедувањето ве следи, но може да ве донесе до Собранието и тие нема потреба да зафаќаат повеќе простор“,
додаде тој.
