„Јавноста мора да дознае кој го реализирал договорот и по чив налог“, велат од партијата

Опозициската СДСМ упатувајќи критики до власта тврди дека се случуваат договори „под маса“ и зад очите на јавноста. Од партијата го поврзуваат бегството на Ива Михаилова со средбите што ги имал министерот Тимчо Муцунски во Софија и велат оти се „гледа што договарал“.
Од СДСМ повторуваат дека на Михаилова, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, ѝ биле одземени двата пасоши од страна на судот, но таа сепак успеала да ја премине границата.
„Самата вели дека ја поминала границата легално, со лична карта, и дека службениците на границата знаеле. МВР вели дека нема евидентиран излез. Граѓаните не се наивни – гледаат и знаат сè. Ова е договорено“,
рече Кети Штерјова на денешната прес-конференција.
Таа додаде дека границата е решето и за криминалци и за бегалци од правдата.
Поради овие причини, СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека тој мора прв да понесе одговорност. Партијата бара одговорност од сите за кои ќе се утврди дека се вмешани во пуштањето на Михаилова – од оние што договарале и давале инструкции, до оние што постапувале или пропуштиле да постапат.
„Јавноста мора да дознае кој го реализирал договорот и по чив налог. Пет тони дрога поминаа преку граница, нарко дилер побегна од полициската станица, на северната граница серија инциденти, бегства, пречек со црвен килим. Телохранителот на Мицкоски не одговораше, не се реагира на пријава за насилство во семејство што доведе до самоубиство на дете и мајка. Ова се прашања за небезбедност на граѓаните, за нееднаквост пред законот и за неспособноста на МВР да ги исполнува своите обврски“,
рече Штерјова.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако вчера Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, објави дека ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија. Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија.
