Централната манифестиција по повод одбележување на празникот ќе биде одржана напладне на Спомен-костурницата во Куманово, на која, според најавите, свое обраќање е предвидено да има премиерот Христијан Мицкоски, а во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинешните награди „11 Октомври“
Македонија денеска одбележува 85 години од почетокот на народното востание за ослободување и борба против фашизмот, кое започнало на 11 октомври 1941 година во Прилеп, кога првиот прилепски партизански одред ја нападнал полициската станица во градот, а еден ден потоа се огласиле е партизаните во Куманово. Овој настан го озналува почетокот на организираната борба за ослободување на македонскиот народ.

Под мотото „Идеали што градат иднина“, централната манифестиција по повод одбележување на празникот ќе биде одржана напладне на Спомен-костурницата во Куманово, на која, според најавите, свое обраќање е предвидено да има премиерот Христијан Мицкоски. Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годнешните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе му биде доделена на писателот проф. д-р Венко Андоновски, додека за животно дело во областа на науката и образованието, наградата им се доделува на лингвистот проф. д-р Димитар Пандев, универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи и на проф. д-р Владо Поповски, доктор по историски, политички и правни науки.
Во рамките на одбележувањето на празникот ќе биде положено и цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, како и пред Спомен-констурницата во Куманово и спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу и Могилата на непобедените во Прилеп, каде владината делегација ќе ја предводи министерот за транспорт Александар Николоски.
Народното востание започна на денешен ден во 1941 година, кога Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, со свои дејствија се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Круна на организираната борба за народнос ослободување на Македонија се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
По повеќедеценски развој и растеж како дел од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), Македонија во 1991 година, со референдумско изјаснување на граѓаните, стана самостојна држава.
Денес, нашата држава е полноправна членка на Обединетите нации (ОН), членка на НАТО и кандидат за членка на Европската Унија (ЕУ).
