„Во разговор со претставниците на ЕСМ, моментно имаме 40 проценти од акумулациите. Тоа е мошне добро бидејќи летоска беа околу 70 проценти. Сега, во овој период од годината, тоа се многу добри бројки. Ние како држава ќе преземеме сѐ за да има сигурност во снабдувањето, односно секогаш да има електрична енергија за граѓаните“, вели министерката

Владата прави сѐ за да нема ценовни шокови и ќе преземе сѐ за секогаш да има електрична енергија за граѓаните, да има сигурност во снабдувањето, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за МИА.
„Ние како Влада правиме сѐ да нема некакви ценовни шокови за граѓаните бидејќи во првиот тарифен модел се наоѓа најголемиот број од населението, значи околу 80 проценти. Ќе направиме сѐ да нема некакви поскапувања, меѓутоа знаете дека постојат неизвесности. Еве, видовте војната во Иран што може да предизвика на глобално ниво. Некои работи ние едноставно не можеме да ги контролираме, но што се однесува до производството, ќе направиме сѐ за да биде на одлично ниво, односно ќе гледаме да нема некакви ценовни шокови“,
вели таа.
Во врска со размислувањата за евентуалната можност в година да се зголеми периодот на евтина струја, министерката одговара:
„Што се однесува до евтината тарифа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика кажа дека тие таму прават некои анализи и ќе видиме бидејќи веќе во државата имаме голем број фотоволтаици. Анализите ги прави Регулаторна, па ќе видам, ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи, сѐ за доброто на граѓаните.“
Министерката додава дека моментно имаме 40 проценти од акумулациите, што го смета за добра бројка за овој период од годината.
Божиновска во вторникот учествуваше на Вториот министерски самит за енергетика во Белград, заедно со своите колеги од Грција, Бугарија и Србија. На маргините на министерскиот самит оствари и билатерална средба со бугарската министерката за енергетика Ива Петрова.
„Разговаравме за следните чекори во продлабочувањето на енергетската соработка меѓу Македонија и Бугарија. Посебен фокус ставивме на батериските системи за складирање енергија, област во која Бугарија има искуство што може да биде значајно за нас. Се задржавме и на подоброто поврзување на електроенергетските пазари, прекуграничната размена и мерките за справување со енергетската сиромаштија. Со министерката Петрова разговаравме и за Иницијативата исток–запад, која предвидува дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија, како и за можностите за заеднички настап пред меѓународните финансиски институции за стратешки енергетски проекти. Особено е важно што соработката ја пренесуваме и на оперативно ниво, преку поврзување на МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со партнерите во Бугарија и размена на конкретни знаења и искуства. Целта е повеќе интерконекции, поголеми преносни капацитети, подобро интегрирани пазари и посигурен енергетски систем за граѓаните и економијата“,
вели Божиновска.
