Истражувањето било спроведено од 5 до 14 јуни, со телефонска анкета на 1 174 испитаници
СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ со 3,6 процентни поени, според истражувањето што го спровела агенцијата „Брима галуп“, а кое го објави СДСМ кој го откупил ексклузивното право за објавување.
На прашањето за која политичка партија или коалиција ќе гласате доколку денеска се одржуваат парламентарните избори, 18,7% од испитаниците одговориле дека би гласале за СДСМ, додека за ВМРО-ДПМНЕ поддршка би дале 15,1%, а на трето место е ДУИ со поддршка од 8,2%.

Движењето Беса, иако на овие избори настапува заедно со СДСМ, има одделна поддршка од 2,6%. Доколку овие проценти се додадат кон поддршката на СДСМ, разликата меѓу коалицијата „Можеме“ и ВМРО-ДПМНЕ би била 6,2 отсто.
Останати партии што се појавуваат на анкетата се Интегра со рејтинг од 1,3%, Левица со 1,2% и ДПА со 0,6%.
Во однос на рејтингот на партиските лидери, 9,4 отсто од испитаниците одговориле дека најголема доверба имаат во претседателот на СДСМ, Зоран Заев, додека само 4,2 отсто се изјасниле за Христијан Мицкоски.

Во однос на излезеноста, 41 отсто од испитаниците одговориле дека сигурно ќе гласаат, додека 18,3 отсто дека сигурно нема да гласаат. Останатите би гласале со различен степен на веројатност, но имаат поголема наклонетост кон гласање отколку кон неизлегување на изборите на 15 јули.
На прашањето кој е најголем проблем со кој се соочува државата, граѓаните, со 29,1% поддршка, ја означуваат пандемијата со ковид-19. Следуваат невработеноста со 21,2%, економскиот развој со 14%, нискиот стандард со 9,4%, а потоа со помали проценти под 4% следуваат низок квалитет на државната администрација, општата политичка ситуација и криза, ниски плати и пензии, криминал и корупција, слабо функционирање на системот и иднината на младите.
За 73,2 отсто од испитаниците подобро е нашата државата да стане членка на ЕУ, додека 18,3 % сметаат дека подобро е да не стане членка на ЕУ, а 8,6% отсто немаат одговор.
Во однос на почитување на мерките за заштита од коронавирусот, 63 отсто од испитаниците одговориле дека повеќето од мерките за заштита се почитуваат од граѓаните, додека 34 отсто одговориле дека повеќето не се почитуваат, 3 отсто одговориле со не знам.

На прашањето за тоа колку се согласуваат дека „Промената на името во Република Северна Македонија и имплементацијата на Преспанскиот договор ќе придонесе кон подобрување на генералната ситуација во земјава“, 40,7% од граѓаните се изјасните дека целосно или делумно се согласуваат со ова тврдење, додека 36,8% целосно или делумно не се согласуваат со ова тврдење. 15,3% од испитаниците ниту се согласуваат ниту не се согласуваат, 4,4% не знаат, а 2,8% одбиваат да одговорат.

Истражувањето било спроведено од 5 до 14 јуни 2020 година, со телефонска анкета на 1 174 испитаници на возраст од над 18 години.