Според шефицата на бугарската дипломатија, ниту една земја членка на ЕУ не може да даде гаранции за понатамошниот тек на пристапниот процес на земјите кандидати, но може да покаже политичка подготвеност за почитување на преземените обврски. Оцени дека Бугарија веќе ја покажала таквата подготвеност

Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени, порача бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова по билатералната средба со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Софија.
„Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорниот консензус од 2022 година“,
рече таа.
Оцени дека средбата била конструктивна и дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски, по што ѝ било посочено дека е потребно да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.
„Побарав да разберам, од нивна страна, од министерот Муцунски, како ја замислуваат временската рамка за тоа да се случи. Оттаму сметаат дека треба да се изгради чувство за доверба. За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“,
рече бугарската министерка.
Според неа, другите земји од Западен Балкан покажуваат политичка волја за напредок кон ЕУ, изразувајќи надеж дека тоа ќе се случи и со Северна Македонија.
На новинарско прашање дали на средбата била побарана некаква гаранција од македонската страна за исполнување на обврските, таа рече дека Бугарија нема други очекувања освен оние што се запишани во договорот од 2022 година.
„Најдобрата гаранција е исполнувањето. Важно е да видиме какви чекори се преземаат, а од наша страна можеме да кажеме дека немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнетии“,
кажа шефицата на бугарската дипломатија.
Во однос на барањата за гаранции од Северна Македонија, Петрова-Чамова посочи дека пристапниот процес кон Европската Унија е утврден со правила и критериуми и дека ниту една земја членка не може да гарантира какви било идни чекори во процесот.
„Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на која било друга земја кандидат за понатамошниот процес. Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност“,
посочи бугарската минисатерка.
Според неа, исполнувањето на обврските од 2022 година е најдиректниот и најгарантиран пат кон европската перспектива на Северна Македонија.
За враќањето на посмртните останки на цар Самуил, Петрова-Чамова рече дека тоа не било тема на разговор со Муцунски.
Според неа, чинот претставува „голем триумф за Бугарија“ и има обединувачка функција.
Посочи дека враќањето на посмртните останки не треба да се гледа во негативен контекст во однос на Северна Македонија, туку како нешто што може заеднички да ги ангажира двете страни.
Сепак, нагласи дека фокусот треба да биде ставен на исполнувањето на преземените обврски со цел Северна Македонија да го искористи, како што кажа, очигледниот импулс за проширување што се гледа на европски ниво.
На средбата било разговарано и за случајот со Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Бугарската министерка ја поздрави подготвеноста на македонската страна да овозможи преглед од бугарски медицински лица, но нагласи дека е важно тоа да доведе до што поскоро лекување.
„Тоа е хуманитарен случај кој треба да го разгледуваме низ таа призма. Се надевам дека навистина ќе го постигнеме најдобриот резултат, а тоа е таа да биде излекувана што е можно поскоро“,
рече Петрова-Чамова.
Во дообјаснување за случајот посочи дека немало поставени услови за прегледот и дека барањето било упатено од повеќе претставници на бугарската страна.
