„Имаме намера да го исполниме својот дел од обврските. Сепак, ниту еден коридор не може да биде успешен изолирано. Прекуграничната соработка е во основата на овој потфат – потребни се координација, доверба и заедничка одговорност“, изјави министерот за надворешни работи во своето обраќање на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“ на Меѓународната конференција на министерско ниво во Софија
За нашата држава, Коридорот 8 е национален стратешки приоритет. Но, еден коридор, по дефиниција, не може да напредува само на одделни делници. Затоа, сите земји учеснички, вклучително и Албанија, сега треба сè повеќе да се насочат кон мерлива реализација, конкретни рокови и видлив напредок на терен.
Ова го порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во своето обраќање на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“ на Меѓународната конференција на министерско ниво во Софија.

„Имаме намера да го исполниме својот дел од обврските. Сепак, ниту еден коридор не може да биде успешен изолирано. Прекуграничната соработка е во основата на овој потфат – потребни се координација, доверба и заедничка одговорност. Затоа, остануваме активно ангажирани со Бугарија, Албанија и нашите европски партнери во надминувањето на тесните грла, обезбедувањето финансиски средства и забрзувањето на реализацијата“,
рекол Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија во оваа смисла посочил дека токму преку Коридорот 8 постои можност принципот на добрососедски односи, како еден од суштинските темели на евроинтегративниот процес, да се преточи во конкретни резултати. Изразил подготвеност Македонија тесно да соработува со своите земји од соседството и биде домаќин на следната министерска средба за Коридорот 8.
Порачал дека земјава бележи напредок во реализација на клучните патни и железнички делници и соработува со соседите за да обезбеди поврзаност и интероперабилност по целата траса.
„Коридорот 8 е многу повеќе од линија на карта. Тој е стратешка визија која не се однесува само на побрз или поефикасен превоз на стоки. Станува збор за обликување на стратешката иднина на нашиот регион, поврзување на Јадранското и Црното Море, зајакнување на нашата европска и трансатлантска отпорност и обезбедување конкретни придобивки за нашите граѓани. Нашата амбиција е јасна. Сега е клучно реализацијата по целата траса да ја достигне таа амбиција. Доколку реализацијата се одвива со различна динамика долж трасата, се намалува стратешката вредност на целиот коридор. Затоа, сите земји учеснички,сега треба сè повеќе да се насочат кон мерлива реализација, конкретни рокови и видлив напредок на терен“,
изјавил Муцунски.
Според него, граѓаните и европски партнери, на крајот ќе го оценуваат Коридорот 8 според инфраструктурата што навистина ќе биде изградена, а не, како што рече, според бројот на средби што ќе ги одржиме.
