Во извештајот се наведува дека сегашниот модел на раст, поттикнат од приватната потрошувачка и странските директни инвестиции (СДИ) со ниска додадена вредност и со висок увозен интензитет, при висока концентрација на извозот на мал број пазари и производи, ги достигнува своите граници
Доколку не се преземе ништо, земјата ќе оди во стагнација, а доколку политичките фактори дејствуваат и преземат мерки – земјата може да забележи побрз раст, повисоки плати и повеќе работни места

Целен пакет реформи, фокусиран на зајакнување на управувањето, отклучување на потенцијалот на приватниот сектор и градење вештини кај работниците – особено кај младите – би можел да ѝ помогне на Северна Македонија да го забрза економскиот раст, да создаде илјадници нови работни места и да го подигне животниот стандард на граѓаните, се наведува во новата анализа на Групацијата на Светска банка која денеска беше презентирана во Скопје.
Извештајот за раст и работни места во Северна Македонија покажува дека доколку не се преземат соодветни мерки, растот на земјата ќе забави на просечни 2,4 проценти годишно до 2050 година, што е значително под темпото потребно за намалување на јазот во приходите во однос на Европската Унија. Сеопфатен пакет реформи би можел да го зголеми тој раст на 3,8 проценти до 2050 година, создавајќи дополнителни 53 000 работни места за лицата кои моментално се надвор од пазарот на трудот и подобрувајќи ги платите и условите за работа за 196 000 луѓе кои дотогаш веќе ќе бидат вработени.
Во извештајот се наведува дека сегашниот модел на раст, поттикнат од приватната потрошувачка и странските директни инвестиции (СДИ) со ниска додадена вредност и со висок увозен интензитет, при висока концентрација на извозот на мал број пазари и производи, ги достигнува своите граници.
Во сржта на проблемот, Светска банка лоцира три структурни слабости: стапица на ниска продуктивност и ниски инвестиции, нарушени пазари и слаба конкуренција, недоволно искористен, а сè помал и скап човечки капитал.
Во извештајот е наведено дека економскиот пат на Северна Македонија од независноста досега претставува успешна приказна, а прашањето сега е како да се надгради таа основа.
Се вели дека земјата располага со вистински предности – талентирано младо население, стратешка локација и сè поголема интеграција со европските пазари.
Извештајот идентификува три приоритетни области за реформи. Првата, која има и најголемо предвидено влијание, е зајакнување на економското управување и конкуренцијата преку подобрување на ефикасноста на јавните расходи, обезбедување еднакви услови за дејствување на бизнисите, подобро управување со државните претпријатија, како и унапредување на трговската политика и логистичката инфраструктура.
Вториот приоритет е забрзување на усвојувањето технологии, иновациите и енергетската ефикасност, со цел да им се помогне на компаниите да станат попродуктивни и поконкурентни, истовремено поддржувајќи ја зелената транзиција на земјата.
Третиот приоритет е развивање вештини и мобилизирање на работниците преку поголемо учество на жените во работната сила, подобри транзиции од училиште кон работа за младите луѓе, проширено доживотно учење и намалени бариери на пазарот на трудот.
Доколку не се преземе ништо, земјата ќе оди во стагнација, а доколку политичките фактори дејствуваат и преземат мерки – земјата може да забележи побрз раст, повисоки плати и повеќе работни места.
Светска банка разгледува две сценарија – ако ништо не се преземе, годишниот раст на БДП би забавил и до средината на векот Македонија би достигнала само 55 проценти од просечниот доход во ЕУ и сè уште би била далеку од соседните држави.

Сања Маџаревиќ-Суистер, сениор економист во Светска банка, при презентацијата на извештајот посочи дека тој на некој начин гледа наназад, но истовремено има и поглед кон иднината. Овој поглед наназад, додаде таа, е важен бидејќи ја става земјата во даден контекст, а тој контекст не е одличен, но покажува што е тоа што треба да се направи во рамките на глобалната слика.
Таа посочи дека подобрувањето на економската ситуација оди паралелно со намалувањето на стапката на сиромаштија, која е речиси намалена на една третина.
„Не велам дека треба да бидеме целосно задоволни со тоа, но денес тоа е задоволително и одлично достигнување. Земјата имаше урамнотежен раст и тоа е мошне важно. Некои од другите земји доживеаја брз раст, но потоа заборавија да им помогнат на ранливите категории луѓе“,
рече таа и додаде дека стапката на невработеност денес е околу 11 отсто, додека пред 20 години се говорело за 35 отсто.
Според второто сценарио, одржливите структурни промени би можеле да создадат просечен годишен раст од 3,8 проценти.
„Прозорецот на можности се стеснува. Демографските притисоци се засилуваат со секоја година. Намалувањето на конкурентноста во клучните извозни сектори напредува. Моделот на раст што ја доведе земјата до повисок среден доход го губи замавот. Процесот на пристапување кон ЕУ, иако е вистинска можност, не е замена за домашните реформи; тој ги засилува“,
порачува Светска банка.
Како ризици за растот во земјава таа ги посочи сферите на енергетиката, фискалниот простор, демографијата, бизнис-климата и додаде дека извештајот нагласува дека земјата поминала низ важна структурна трансформација во изминатите 20 години – преминала од примарното земјоделско производство кон услуги, производствена дејност со повисока додадена вредност, ИКТ-секторот и професионалните услуги.
„Соодветно на тоа, се префрли и вработеноста кон овие сектори. Сепак, податоците на ниво на фирми (достапни заклучно со 2022 година) покажуваат дека странските директни инвестиции, кои беа главниот генератор на нови работни места во периодот 2010–2015 година, денес имаат значително помал придонес и во вработеноста и во продуктивноста. Од друга страна, забележително е одредено подобрување на перформансите кај државните компании“,
нагласи Маџаревиќ-Суистер.
