Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, тие како партија не помислуваат да се мешаат во внатрешните работи на СДСМ, додавајќи дека иако актуелнатата ситуација кај опозиционерите ним секако им одговара, таа не е здрава за демократските процеси во државата и затоа е потребна консолидација
Петрушевски, во тој контекст, упати порака до Филипче наведувајќи оти лидерот на СДСМ треба да знае дека ставот да се биде исклучиво против може да доведе само до понатамошно тонење и на крајот исчезнување на партијата
За доброто на граѓаните и на државата потребна е побрза консолидација на Социјаделдемократскиот сојуз на Македонији (СДСМ). Ова е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, што денеска го сподели нивниот пратеник во Собранието, Бране Петрушевски, коментирајќи ги случувањата во опозициската партија, каде дел поранешни и актуелни функционери бараат внатрепартиски реформи, заминување на претседателот Венко Филипче и окрупнување на опозицијата.

Петрушевски денеска на прес-конференција изјави дека наместо консолидација во редовите на опозицијата, што, како што оцени, е здраво за политичката дебата, јавноста од викендот сведочи за дополнителни поделби.
„Венко Филипче и СДС, чија политика се темели на тоа да се биде контра ставовите на власта колку да кажат дека имаат различен став, деновиве доживува дополнителен дебакл. Јавноста сведочи на распад во живо. Наместо заеднички опозициски фронт, се множат фракции, суети и меѓусебни пресметки проткаени со низа на навреди. Во и онака слабиот СДС, кој е пред распаѓање, јасна политичка алтернатива сè помалку е на повидок, а контрашот Филипче треба да разбере дека ставот да се биде само против е погубен“,
рече Петрушевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие како политичка партија, од позиција на власт ги анализираат сите полтички појави и движења, и затоа нивните ставови околу случувањата во опозицискиот СДСМ се многу јасни.
„Прво, ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа е нивна внатрешна работа и не ни помислува да се меша, и второ, ако се прашува некој дали ни одговара или не, секако дека ни одговара, но тоа не е здраво за демократските процеси во државата“,
рече партеникот.
Третиот став на владејачката партија, кој е своевидно дополнување на вториот, е дека дека народот не треба да се потценува и оти секој граѓанин што гласал за ВМРО-ДПМНЕ, а на СДСМ му дал црвено светло знае зошто го направил тоа.
Петрушевски, во тој контекст упати порака до Филипче наведувајќи оти лидерот на СДСМ треба да знае дека ставот да се биде исклучиво против може да доведе само до понатамошно тонење и на крајот исчезнување на партијата.
„Затоа, за добро на граѓаните и државата потребна е побрза консолидација“,
заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешни и актуелни функционери на СДСМ, обединети во платформата „Разговори за иднината 12:05“, во саботата одржаа нова средба, по која најавија дека до претседателот на СДСМ ќе достават план за консолидација и структурни промени во партијата.
Поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата, Игор Ивановски, по средбата кажа дека лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата, а во однос на промените што ги бараат, рече дека за нив многупати се разговарало, но биле ингнорирани од Филипче. Ивановски, во тој контекст, му порача на партискиот лидер овојпат да го прифати нивниот план за, како што рече, доброто на партијата.
На средбата присуствуваше и пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, кој порача дека тие како политичка партија можат да разговараат со различни опозициски елементи во општеството, во услови на економско деградирање и крајна неказнивост меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција остро ја критикуваше плаформата, обвинувајќи ги нејзините претставници дека сакаат со пуч да ја преземат партијата. Според него, планот за реформи во СДСМ што го најави платформата е пишуван во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и оти веќе знае што пишува во него.
Нарекувајќи ги „пучисти“ и шемаџии“, Филипче рече дека поддржувачите на иницијативата се луѓе кои се борат единствено за лични интереси, наместо за граѓаните и државата.
Според него, целта на нивните средби е да ја дефокусираат јавноста од актуелните проблеми, што е доказ за соработката со власта.
