Авионот на Зеленски чекал на меѓународниот аеродром „Кишињев“ во молдавскиот главен град и добил дозвола за полетување откако било утврдено дека дронот се урнал и експлодирал на околу 160 километри од аеродромот, објави Асошиејтед прес

Руско беспилотно летало што влезе во воздушниот простор на Молдавија го одложи заминувањето на авионот што го превезуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски во Норвешка, пишува Си-ен-ен повикуваји се на информации од молдавски функционер.
Официјални лица од земјата соопштиле оти источноевропската земја, која се граничи со Украина, го затворила својот воздушен простор откако откриле упад на беспилотно летало со млазен погон.
Авионот на Зеленски чекал на меѓународниот аеродром „Кишињев“ во молдавскиот главен град и добил дозвола за полетување откако било утврдено дека дронот се урнал и експлодирал на околу 160 километри од аеродромот, објави Асошиејтед прес.
Амбасадорот на Молдавија во САД, Владислав Кулмински, во изјава за Си-ен-ен вели дека инцидентот веројатно „не бил несреќа“.
„Не веруваме во беспилотни летала со млазен погон што летаат на територијата на Молдавија само за цели на надзор додека авионот на украинскиот претседател е на земја на аеродромот“,
вели Кулмински за Си-ен-ен.
На прашањето дали молдавските власти веруваат дека дронот го таргетирал украинскиот претседател, тој рече дека истрагата е во тек и дека е „прерано да се каже“. Сепак, тој додава дека е добро познато оти Зеленски го користи молдавскиот воздушен простор за своите странски посети и „ова веројатно не е прв пат да се случи нешто вакво“.
Зеленски се упати кон Норвешка за погребот на кралот Харалд V, каде што им се придружи на другите шефови на држави.
Норвешкиот премиер Гар Сторе е тој што го откри инцидентот со беспилотното летало.
„Неговиот авион речиси беше погоден од беспилотно летало додека се подготвуваше да полета од Молдавија. Тоа е реалноста со која се соочува“,
изјавил Сторе за јавниот радиодифузен сервис НРК, пишува Ројтерс.
Официјални лица соопштиле дека и втор дрон влегол во молдавскиот воздушен простор, но продолжил да патува над Романија.
Молдавската претседателка Маја Санду ги осуди упадите на беспилотните летала како „сериозна закана за животите на луѓето“.
