Постои генерациска одговорност за завршување на, како што вели, неодложните задачи – искоренување на криминалот и корупцијата, воспоставување бескомпромисно владеење на правото и создавање мирно и праведно општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни и еднакви, без оглед на нивната етничка, верска или друга припадност
Претседателката Гордана Силјановска Давкова, по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати честитка до граѓаните, во која порача дека независноста не е завршено историско дело, туку трајна обврска на секоја генерација.

Во честитката, потсетува дека пред 35 години, со референдумот од 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија го заокружиле делото на илинденците и асномците и го направиле историскиот чекор кон создавање независна и суверена држава.
Според неа, државата претставува најголемо достигнување на еден народ, бидејќи му овозможува да ги заштити својата слобода, идентитет и достоинство и самостојно да ја гради својата иднина.
„Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина“,
вели таа во честитката.
Претседателката посочи дека македонската независност се темели на три столба – довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, меѓусебната доверба меѓу граѓаните, како човечка нитка што не држи заедно и непоколебливата верба во македонската иднината.
„Во празничен, оптимистички дух, да потсетам дека страниците на нашето минато и сегашност бележат бројни успеси на многу полиња. Изградивме функционални институции и ја развивавме свеста за општото добро и државниот и национален интерес. Создадовме НАТО армија која ја гарантира нашата безбедност. Развивме и развиваме економија отпорна на притисоците и отворена кон светските пазари. Стекнавме пријатели и стратешки партнери кои не поддржуваат на долгиот и трнлив европски пат. Имаме јасна свест за европска припадност и стратешка цел за европско членство“,
посочува претседателката.
Се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјата, посочувајќи ги блокадите, двојните стандарди и внатрешните проблеми кои се продлабочувале во изминатите години.
Како еден од најголемите проблеми го издвојува иселувањето на младите, кои заминуваат во потрага по подобар живот.
Според неа, секое заминување претставува загуба за општеството, а празните училишни клупи се предупредување дека земјата ги губи младите, кои треба да бидат нејзина иднина.
„Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата“,
додава таа.
Постои генерациска одговорност за завршување на, како што вели, неодложните задачи – искоренување на криминалот и корупцијата, воспоставување бескомпромисно владеење на правото и создавање мирно и праведно општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни и еднакви, без оглед на нивната етничка, верска или друга припадност.
„Асномскиот завет нѐ учи: ‘Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме‘. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите! Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина“,
се вели во честитката на Сиљановска-Давкова.
Смета дека е потребно и посилно поврзување со македонската дијаспора и обединување на потенцијалот на луѓето со македонско потекло во градењето на државата како достоинствен и просперитетен заеднички дом.
Во честитката, Силјановска Давкова со порака за единство и иднина им го честита 8 Септември – денот кога македонските граѓани, на референдум, со огромно мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава.
