Вечерта на 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје беше организира прослава на која се одбележа успешниот резултат од референдумот, каде свои обраќања имаа првиот претседател на независна Македонија Киро Глигпоров, првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, како и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов
Северна Македонија денеска одбележува 35 години независност, откако нејзините граѓани на референдумот одржан на 8 септември 1991 година се изјаснија за суверена и самостојна држава.
8 Септември е еден од најзначајните датуми во современата македонска историја – ден кога, во услови на распаѓање на поранешната југословенска федерација, граѓаните демократски ја избраа самостојноста како пат за иднината на државата.

На референдумот му претходеше усвојување на Декларација за сувереност од страна на првиот повеќепартиски парламент на 25 јануари 1991 година.
Граѓаните на референдумот одговараа на прашањето:
„Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Според официјалните резултати, од граѓаните што гласаа, повеќе од 95 отсто се изјаснија „за“ суверена и самостојна Макеоднија.
Референдумот беше израз на демократската волја на мнозинството граѓани и обезбеди политички легитимитет за натамошниот процес на осамостојување.
Вечерта на 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје беше организира прослава на која се одбележа успешниот резултат од референдумот, каде свои обраќања имаа првиот претседател на независна Македонија Киро Глигпоров, првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, како и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов.
Киро Глигоров од бината на плоштадот им се обрати на граѓаните со зборовите:
„Граѓани и граѓански на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
Таа порака остана симбол на истирискиот момент кога земјата ја потврди својата определба за самостоен државен пат.

Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Со тоа, институционално беше потврдена волјата на граѓаните за суверена и независна држава. Само два месеца подоцна, на 17 ноември 1991 година, беше донесен Уставот на Република Македонија, со кој беа поставени темелите на новиот политички и правен систем.
Со Уставот Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а беа утврдени основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта и заштитата на човековите права и слободи.
Во 1992 година беше воведена националната валута – македонскиот денар, а се создаваа и институциите на современата држава – дипломатската служба, армијата, централната банка и другите клучни државни структури.
Економски, политички и безбедносни предизвици
Во 35-годишниот период од осамостојувањето, државата се соочи со низа економски, политички и безбедносни предизвици. Меѓу позначајните настани од тој период се високата инфлација во почетокот на 1990-тите, грчкото ембарго, бегалската криза поврзана со Косово и конфликтот во 2001 година.
Спорот со Грција околу името беше надминат со Преспанскиот договор, потпишан на 17 јуни 2018 година, со што беше отворен патот за членство на земјата во НАТО. Северна Македонија на 27 март 2020 година стана 30-та членка на Алијансата.
На европскиот пат, земјата има кандидатски статус од 2005 година, а Европската комисија во 2009 година за првпат препорача отворање пристапни преговори. Во процесот што следуваше, прашањата поврзани со односите со соседите и условите за напредок во евроинтеграциите останаа дел од политичкиот и институционалниот процес.
Годинава се празнува под слоганот „Силно светнал ден“
По повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата се предвидени повеќе активности.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател Киро Глигоров, претседателот Борис Трајковски и првиот претседател на Владата Никола Кљусев, по што во Вила Водно ќе ги додели ордените „8 Септември“.
Свеченост по повод Денот на независноста ќе се одржи и на платото пред Владата под мотото „Силно светнал ден!“, каде што ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во рамки на одбележувањето, Националниот археолошки музеј – Скопје ќе организира настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“, а вечерва прославата ќе биде заокружена со концерт на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на Националната арена „Тоше Проески“.
