„Асномскиот завет, кој вели ‘каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме’. По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдураман Алити…, кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос, на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно“, рече таа на панел-дискусијата по повод „8 Септември“
Држава не се гради само со демократски избори и со конституирање на институциите, туку со градење функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното, туку и на меѓународното право. Ова го кажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“, на која учествуваат поранешни пратеници, министри и други јавни личности.

„Асномскиот завет, кој вели ‘каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме’. По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдураман Алити…, кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос, на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно. Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години за да изградите функционална демократија. Таа не се гради само со демократските избори и со конституирање на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашноот, туку и на меѓународното право“,
рече претседателката на дискусијата.

Поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов оцени дека во првите денови од независноста голема улога одиграла високата политичка свест на тогашните парламентарци, потсетувајќи дека уште во првите денови била донесена Декларацијата за независност.
Поранешниот пратеник Насер Зибери посочи дека во тој период имало недостаток и од права и од лојалност, но нагласи дека претставниците на Албанците биле меѓу првите што се залагале за независност и сакале јасна уставноправна рамка за активно учество во градењето на државата.
Поранешниот пратеник и министер за правда Туше Гошев порача дека државата е создадена од големата желба на една генерација да има самостојна и независна држава во која сите граѓани ќе бидат рамноправни.
За поранешниот пратеник, министер и гувернер на Народната банка, Петар Гошев, АСНОМ е темелот на македонската државност и не треба да се релативизира историјата или да се рехабилитираат соработници на фашизмот, туку да се почитува антифашистичката борба и историското наследство.
