Претстојните избори се тест за државата, не само поради корона-кризата туку и поради гласањето на лицата со попреченост – дали конечно ќе им се овозможи да го остварат гласачкото право на избирачки места што ќе бидат пристапни за нив.

„Овде ни е гласачкото место. На вториот кат“,
вели Александар Стојаноски.
„360 степени“ веќе објави сторија со примери – како на минатите изборни циклуси гласачи со физичка попреченост требало да се качуваат по скали за да стигнат до гласачкото место.
„Почекав да намине некој гласач и го замолив да ме поткачи по скалите, потоа го замолив и по внатрешните скали да ми помогне од едната страна, од другата страна има глендери, но не се многу стабилни“,
вели Стојаноски.
„Гласачкото место е во оваа зграда горе по скалите, коишто се стрмни и тешки за нас лицата со попреченост. Малку е непријатно затоа што сепак треба време, треба да има некој што може да те разбере, дали ќе се нафати некој да ти помогне или само ќе помине – ќе замине покрај тебе и нема да обрне никакво внимание“,
вели Гордана Стојаноска.
Во многу објекти во кои се гласа, пак, ако на влезот има пристапна рампа, потоа проблем се внатрешните скали.

„Не знаејќи дека ќе ми се смени гласачкото место, се соочив со еден предизвик дека сум сега за гласање по скалите нагоре. Тоа го решивме така што ми помогнаа луѓето тука од училиштето“,
вели Даниела Стојановска-Џинговска.
За овој проблем предложија едноставно решение.
„Наједноставно решение, кое не бара финансиски издатоци, односно нема финансиски импликации е каде што знаат дека има лица со попреченост, гласачките места да бидат на приземјето“,
вели Стојановска-Џинговска.
Од Државната изборна комисија велат дека на претстојните избори пристапноста на гласачките места ќе биде подобрена. Тоа делумно се должи на препораките за гласање во услови на корона-криза.
Една од мерките за заштита на гласачите од ширење на коронавирусот е гласачките места да бидат сместени во широки простории. Според информациите од ДИК, тоа најчесто ќе бидат спортските сали, а најголем дел од нив имаат пристапни рампи.

Претседателот на Комисијата, Оливер Дерковски, смета дека ако препораките се почитуваат, сите гласачи, како и лицата со попреченост, ќе бидат заштитени при чинот на гласање.
„Се обидовме практично голем дел од избирачките места да ги симнеме долу на приземје, нешто за што постојано луѓето со попреченост се жалеа во изминатиот период. Доста од избирачките места сега се во спортските сали на приземје, во училниците на приземје и на тој начин ја зголемивме пристапноста до избирачките места. Ќе им помогнеме на луѓето, се разбира од аспект на нивна заштита заради опасноста од ковид-19 заразата – како за сите останати граѓани, ние ги преземаме мерките и за овие граѓани за нивна заштита“,
вели Оливер Дерковски, претседател на ДИК.
Следејќи ги препораките од здравствените власти, „360 степени“ објави анимација за тоа како би изгледал самиот чин на гласање. Препораките што важат за сите гласачи, важат и за гласачите со попреченост.
Просторијата во која ќе се гласа треба да биде со отворени прозорци или да се проветрува секој час. Во неа треба да има поставено средства за дезинфекција и корпа за отпадоци. Членовите на гласачките одбори и набљудувачите да се на растојание од 1,5 до 2 метра, со заштитни маски и ракавици. Во просторијата ќе биде дозволено да бидат присутни најмногу онолку гласачи, колку што има паравани за гласање. При влегување гласачот прво ги дезинфицира рацете. Потоа, при подавање на личната карта, ја симнува накратко маската за идентификација и стои на дистанца од членовите на избирачкиот одбор. Гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете. Редот за гласање се формира надвор од просторијата за гласање согласно безбедносните протоколи, со дистанца од два метра.
Од невладината организација „Инклузива“, која веќе три избори наназад „притиска“ да се подобри пристапноста на гласачките места, имаат забелешки на овие препораки.
„Посебната забелешка е во однос на гласачите кои се глуви затоа што избирачките одбори ќе носат маски, устата ќе им биде покриена цело време, овие лица читаат од усни перфектно и се плашиме дека нема да можат да се разберат и да комуницираат со членовите на избирачките одбори“,
вели Благица Димитровска од НВО „Инклузива“
Затоа тие подготвуваат сликовит приказ на гласањето кој треба да биде истакнат пред секое гласачко место.
Загрижени се и за луѓето со попреченост на кои им е потребна помош при гласањето.
„Ние ќе апелираме до нив да одат на гласачкото место со свој придружник. Ако се појави гласач кој нема своја придружба, според Изборниот законик и упатствата, следниот гласач што доаѓа по него во редот, треба да му биде придружник. Никој не може да гарантира дека тој човек не е носител на инфекцијата“,
вели Димитровска.
„Инклузива“ уште пред корона-кризата обучи свои набљудувачи кои треба да го контролираат гласањето од аспект на правата на лицата со попреченост. Потсетуваат дека препораките за заштита на гласачите од пренесување на вирусот не треба да ги нарушат правата на гласачите со попреченост.
Секое гласачко место треба да биде приспособено за во него да може да гласаат луѓе со каква било попреченост.
„Лице со попреченост има право да гласа со свој придружник, така стои во Изборниот законик. Не смеете тоа да го споредувате со семејно гласање“,
вели Димитровска.
За во Избирачкиот список на соодветното место да се потпишуваат лица со оштетен вид, се користи граничник – помагало кое е корисно и често го употребуваат и другите гласачи.
За лица со оштетен слух треба да има сликовит приказ на гласачкиот процес.
„Овој целосен сликовит приказ треба да стои на видно место. На ѕидот каде што гласачот може да го види или на влезната врата“,
вели Димитровска.
За луѓето во количка, ако успеат да влезат во објектот, гласачкиот параван треба да биде на соодветна висина и да биде изработен од поцврст материјал за гласачот да може да се потпре на него. На соодветна висина треба да биде и гласачката кутија, за да можат да го пуштат гласачкото ливче во неа.
Во услови на корона-криза, обуките на набљудувачите продолжија онлајн. Повеќето од нив не ги исплашил коронавирусот и цврсто стојат на ставот дека изборниот ден мора да биде мониториран, а за неправилностите гласно да се зборува.
„Сметам дека треба да бидам присутна при самиот процес на изборите за едноставно да бидам на фронтот за бранење на правата на лицата со хендикеп оти ние сме на почеток на остварување на нашите права, со години се бориме да ги оствариме и сега ако застанеме при вакви услови тешко дека натаму ќе можеме да ги оствариме затоа што стигмата, предрасудите и интелектуалната бариера е сè уште јака“,
вели Снежана Танеска, набљудувач.

Според извештајот на „Инклузива“, на последните претседателски избори три четвртини од избирачките места биле непристапни, најмногу оние сместени во образовни институции. Близу половина од објектите имале пристапни рампи на влезот, но на секои десет рампи – осум биле надвор од стандардите. Сликовитиот приказ на гласачкиот процес не бил истакнат на 70 отсто од избирачките места. Не се користеле соодветно и граничникот и шаблонот за гласање.
Сепак, според невладиниот сектор, во последниве неколку изборни циклуси работите се мрднале од мртва точка, па се надеваат дека околностите со коронавирусот нема да ги вратат назад.
Поврзани стории:
Најстрмните скали до основното демократско право
Без работа и делумно заштитени – опстанокот на луѓето со попреченост во услови на корона-криза
Македонија далеку од општество еднакво за сите
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
