За време на разговорот со производителите, Филипче истакна дека секторот се соочува со сериозен притисок поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, обвинувајќи ја Владата за отсуство на волја да им излезе во пресрет на земјоделците

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе поднесе законски решенија во Собранието за решавање на проблемите на оризопроизводителите и земјоделците, најави претседателот на партијата, Венко Филипче, за време на вечерашната средба со локалните земјоделци во селото Грдовци, Кочанско.
За време на разговорот со производителите, Филипче истакна дека секторот се соочува со сериозен притисок поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, обвинувајќи ја Владата за отсуство на волја да им излезе во пресрет на земјоделците.
„Многу проблеми се накалемуваат. Владата нема никаква волја да излезе во пресрет на земјоделците. Гледате, само половични најави. Се е лага. Видовме дека се им е лага. Пиперките најавија по 40 денари а по 20 денари ги откупуваат. Луѓето знаат дека во наше време по 50 денари килограм било. Така е со оризот, така е со млекото, така е со пченицата, така е со лозарите. Така беше лани, дадовме предлог, не го прифатија. Ама веќе се наталожуваат многу проблеми. Не е еден. Сега ние се бориме да стигнеме за цени откупни во земјоделството или да се како во наше време, а најмалку 30 отсто се зголемени трошоците. Нема пари за земјоделците, нема во економијата, нема пари за поврат на ДДВ, не можат фирмите да се раздолжат, кризата само се продлабочува“,
изјави Филипче.
Тој посочи дека пратеничката група на СДСМ, врз основа на барањата и информациите добиени директно од терен, ќе поднесе нови законски решенија кои ги опфаќаат субвенциите и гаранцијата за откупните цени.
„Ние сме тука да излеземе со конкретни предлози. Не знам како ќе реагира Владата, јас лично мислам нема да направат ништо, ама суштината е да се бориме. Да им покажеме на луѓето дека имаме предлози, имаме идеи. Ќе предложиме закони во Собранието, за субвенциите, за откупните цени“,
рече претседателот на СДСМ.
