Бензините поскапуваат за еден денар, што значи дека еуросупер БС-95 ќе се продава за 94 денари за литар, а еуросупер БС-98 по 96 денари за литар
Дизелот поевтинува за 6,5 денари и неговата цена ќе изнесува 95 денари за литар

Од полноќ горивата ќе се продаваат по нови цени.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со отпад (РКЕ), дизелот поевтинува за 6,5 денари за литар, додека бензините поскапуваат за еден денар.
Со тоа, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 2,06 отсто.
Така, еуросупер БС-95 ќе се продава за 94 денари за литар, а еуросупер БС-98 по 96 денари за литар.
Литар еуродизел БС (Д-Е V) ќе изнесува 95 денари.
Екстралесното масло за домаќинство поевтинува за 3,5 денари и ќе чини 97 денари за литар, додека цената на мазутот се намалува за 1,166 денари за килограм, на 44,410 денари.

Според РКЕ, референтните цени на светскиот пазар во однос на претходната пресметка бележат раст кај бензините од просечно 2,212 отсто, додека кај дизелот има пад од 8,237 отсто, кај екстралесното масло од 4,389 отсто, а кај мазутот од 2,793 отсто.
Како што напоменуваат оттаму, трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и горивата за транспорт по пониски цени од утврдените масимални.
