Премиерот во интервјуто за „Брајтбарт“ открива дека дел од американските воени летала ги користат аеродромите во земјава за паркирање и одмор на екипажите, по што повторно заминуваат кон Персискиот Залив. „Имаме отворено небо за американските воени авиони“, вели Мицкоски
Американски воени авиони кои се ангажирани во операциите поврзани со војната со Иран секојдневно слетуваат и полетуваат од македонските аеродроми, а дел од нив тука се задржуваат пред повторно да заминат кон Персискиот Залив.
Ова го открива премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто за американскиот „Брајтбарт њуз“, чиј прв дел беше објавен завчера. Станува збор за дел од интервјуто во кој премиерот зборува за конкретната поддршка што Северна Македонија им ја дава на Соединетите Американски Држави.
„Брајтбарт“ употребата на македонските аеродроми ја става директно во контекст на војната со Иран, наведувајќи дека американското воено воздухопловство ги користи како стратешка локација во близина на Блискиот Исток.
„Американското воено воздухопловство ги користи нашите аеродроми, така што секој ден авиони на американското воено воздухопловство слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми. Некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за малку одмор, а потоа повторно заминуваат кон Заливот“,
вели Мицкоски.
Според премиерот, македонскиот воздушен простор е отворен за американските воени летала, а земјава е подготвена да продолжи со ваквата поддршка.
„Имаме отворено небо за американските авиони, за воените авиони, и горди сме и стоиме на располагање да обезбедиме таква поддршка за американското воено воздухопловство“,
вели тој.
Во интервјуто не се наведува конкретно за кои типови американски воени авиони станува збор, ниту на кои македонски аеродроми слетуваат. Исто така, не се посочува дали при престојот во земјава се врши полнење со гориво или друг вид логистичко снабдување. Мицкоски конкретно зборува за „паркирање“ и „одмор“, по што, според него, авионите продолжуваат назад кон Персискиот Залив.

Мицкоски ваквата соработка ја става во поширокиот контекст на стратешкото партнерство меѓу Скопје и Вашингтон. Во интервјуто вели дека кога на САД им била потребна поддршка од сојузниците, Северна Македонија „не се криела во толпата“, туку застанала на американска страна и кога тоа носело политичка цена.
Поддршката на Трамп во Македонија, вели Мицкоски во интервјуто за американскиот медиум, е многу висока, повисока од каде било во Европа.
