Првиот социјалдемократ вели дека под притисок на СДСМ и неговите советници, како и под притисокот на јавноста, од денешната седница на Советот на Општина Пехчево била повлечена точката за изградба на дата-центар во Пехчевско
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, обвини дека владата на Христијан Мицкоски денеска на мала врата се обидела да протурка изградба на дата-центар во Пехчево и повика на, како што ја нарече, национална мобилизација против ваквите проекти. Филипче вели дека под притисок на СДСМ и неговите советници, како и под притисокот на јавноста, точката се повлекла од дневниот ред на седницата на Советот во Општина Пехчево.

„Но, тоа не значи дека власта се откажала од идејата. Затоа повикувам на национална мобилизација да спречиме водата и струјата да паднат во раце на профитери на грбот на народот. Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат водата и струјата на граѓаните да ги продадат и да ги стават во функција на странски дата-центри за сопствени тендерски профити. Да се богатат блиските до Мицкоски и ВМРО-ОКГ на штета на граѓаните“,
изјави Филипче во видеообраќање на социјалните мрежи.
Лидерот на опозициската партија ги повика сите советници во општинските совети ширум државата да се обединат за, како што вели, да се спречи водата и струјата да паднат во рацете на профитерите.
„СДСМ е прв кој јасно се спротивстави на ставањето на водата и стујата под ризик заради бизнис-интересите на власта. Грабежот мора да се прекине додека не е доцна. Мораме да го запреме ова зло што ни се подготвува. Можеме само сите заедно. Да покажеме дека во вакви моменти можеме и мораме да бидеме сложни во интерес на граѓаните и државата. Кога веќе ги немаме механизмите на власта, можеме да имаме граѓански отпор – отпор кон оваа криминална власт. Ги повикувам и сите граѓани. Мораме да ги запреме дата-центарите“,
порача лидерот на СДСМ.
