Поддршката на Трамп во Македонија, вели премиерот во интервјуто за крајнодесничарскиот американски медиум „Брајтбарт њуз“ е многу висока, повисока од каде било во Европа. Доколку распоредот на американскиот претседател тоа го дозволува, Мицкоски вели дека со задоволство би го угостил во земјава
Премиерот вели дека Северна Македонија и САД постигнале начелен компромис за билатерален трговски договор со нулти царини за производите од двете земји и очекува договорот официјално да биде потпишан во текот на неговата посета на САД, најверојатно за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк
Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници, мојата земја не се криеше во толпата. Многу брзо, јасно и доследно застанавме на страната на САД, вклучително и кога тоа можеше да има политичка цена. Ова во интервју за „Брајтбарт њуз“ го изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски, говорејќи за неговата, но и поддршката на земјава за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Кога на претседателот Трамп му беше потребна нашата поддршка во декларациите за гласање во Обединетите нации, кои се засноваат на интересите на администрацијата на претседателот Трамп, ние ја дадовме нашата несомнена поддршка без никакви резерви, за разлика од некои други засегнати страни“,
вели Мицкоски додавајќи дека поддршката на земјава ќе продолжи во оваа форма и во иднина.
Поддршката на Трамп во Македонија, вели Мицкоски во интервјуто за крајнодесничарскиот американски медиум, е многу висока, повисока од каде било во Европа. Доколку распоредот на американскиот претседател тоа го дозволува, премиерот вели дека со задоволство би го угостил во земјава.
„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостиме доколку одлучи да го посети регионот бидејќи, како што реков, како не толку многу сојузници во Европа, ние сме земја која без сомнение дава поддршка кога станува збор за администрацијата на претседателот Трамп. Дури и многу поодамна, и пред тој официјално да стане претседател, кога немаше премногу земји во Европа кои веруваа дека тој ќе ја победи Камала Харис на претседателската трка“,
вели Мицкоски во интервјуто.
Тој во оваа смисла ја посочи и соработката со американскиот претставник Ричард Гренел и со американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, особено во делот на енергетиката и можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот. Ги посочи и средбите со секретарот за трговија Хауард Лутник, Девин Нунес, поранешен член на Конгресот и сопственикот на „Рамбл“, Крис Павловски, кој има македонско потекло.
Мицкоски се надева на уште поголема соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија во наредните месеци и очекува стратешкиот дијалог со Вашингтон да се претвори во конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.
„Американската меѓународна финансиска корпорација за развој финансира еден многу важен проект за рудник. Веројатно имаме најголемо складиште на антимон. Значи, има голема австралиска и канадска инвестиција во земјата, а САД финансиски ја поддржуваат таквата инвестиција. Значи, практично, ќе ископаме антимон во мојата земја и ќе го распоредиме тој критичен минерал во САД. Подоцна, САД ќе го користат овој критичен минерал за производство на воена опрема. Значи, практично, имаме многу силни врски создадени со стратешкиот дијалог“,
вели Мицкоски во интервјуто за „Брајтбарт њуз“.
Премиерот вели дека Северна Македонија и САД постигнале начелен компромис за билатерален трговски договор со нулти царини за производите од двете земји и очекува договорот официјално да биде потпишан во текот на неговата посета на САД, најверојатно за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Потпишувањето на договорот, вели Мицкоски, покрај економската, ќе ја зголеми и билатералната соработка на двете земји, би можел да го олесни американскиот извоз и да привлече повеќе американски инвеститори не само во земјава, туку и пошироко во регионот.
Македонскиот премиер се надева дека покрај овој, за време на неговата посета во САД ќе може да се потпишат повеќе договори, а изрази надеж дека за време во текот на престој во САД ќе има средба со претседателот Трамп.
