ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека за нив е прифатливо претопување на СЈО во ОЈО за гонење на организиран криминал, но дека не се согласуваат тоа обвинителство да го води актуелната шефица Вилма Рускоска. Главната линија на отпор е личната дискредитација на Рускоска, која опозицијата ја обвинува дека е продолжена рака на власта. Но, навраќањето на случувањата од пред една деценија креира сосема друг контекст.
Шврговски против изборот на Рускоска и Гешковска
Ова е наслов на текст објавен во „Утрински весник“ на 27.11.2008 година. Насловот се заснова на противењето на тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски за обвинители во тогаш формираното ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција да бидат избрани Вилма Рускоска и Гордана Гешковска. Шврговски не крие дека гласал против нивниот избор во два наврати и ја дава следнава изјава за „Утрински весник“:
„Не гледам што можело да се смени од летоска досега за да ја сменам одлуката. И тогаш и сега тврдам дека двете колешки немаат доволен стручен капацитет за да работат на специјалното обвинителство за организиран криминал“,
вели тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски за „Утрински весник“ на 27.11.2008 г.
Но, двете обвинителки, сепак, се избрани од Советот на јавни обвинители со тесно мнозинство од 6 гласа „за“ наспроти 5 гласа „против“.
„За“ Рускоска бил министерот Михајло Маневски
Еден од пресудните гласови „за“ избор на Рускоска и Гешовска е на тогашниот министер за правда Михајло Маневски. Весникот „Време“ на 28.11.2008 г. пишува:
„Во обвинителските кругови ова се толкува како обид за демонстрација на политичка моќ на Михајловски врз Шврговски. Зад изборот на двете спорни обвинителки застанале претседателката на Советот, Елена Гошева, министерот за правда Михајло Маневски и уште четворица членови од 11-члениот Совет. Од кабинетот на Маневски велат дека тој гласал во интерес на побрзо отворање и решавање на предметите за организиран криминал и корупција.“

Михајло Маневски и ден денес е активен во ВМРО-ДПМНЕ. Советник е на оваа партија во Град Скопје. И додека, како што покажува архивата на медиумите, тој како министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е еден од клучните фактори што Рускоска влегува во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, за актуелното раководство на партијата, Рускоска сега е кадар на СДСМ и на Зоран Заев. „За“ изборот на Рускоска гласала и тогашната претседателот на Советот на обвинители, Елена Гошева, која подоцна стана и уставна судијка и од таа позиција се залагаше да се забрани одржување на референдум за името, а ја спореше и надлежноста на Собранието да решава за промена на името на државата. Елена Гошева е мајка на Слободанка Гошева, претседателка на пописната комисија во 2011 година, поранешна потпретседателка на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и сопруга на Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.