Шест новинарки и новинари во изминатите две години ја напуштиле Србија поради загрозена безбедност и денес живеат во егзил. Последен меѓу нив е воениот аналитичар и новинар Александар Радиќ, против кого во меѓувреме е поднесена кривична пријава и е распишана потерница, објави Н1
Еден од првите познати случаи е писателот, колумнист и ТВ-водител Марко Видојковиќ, кој ја напуштил Србија на почетокот на 2023 година. Радиќ, пак, заминувањето го образложил со загриженост за безбедноста на своето семејство.
Против него Вишото јавно обвинителство во Белград поднело кривична пријава поради сомнение за подготвување дела против уставното уредување и безбедноста на Србија и за оддавање тајни податоци. Радиќ претходно беше меѓу првите кои за Н1 тврдеа дека на протестот во Белград на 15 март 2025 година против насобраните граѓани бил употребен „звучен топ“.
По претресот на неговиот стан и одземањето компјутери, провладини медиуми објавиле снимки од следењето на Радиќ и неговата малолетна ќерка.

„На мета се најде мојата ќерка која за неколку дена полни 16 години. Што да направите кога непријателите се многубројни и кога ќе ви го загрозат детето? Заминавме во странство“,
изјави Радиќ.
Претседателот на Управниот одбор на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ) и член на Постојаната работна група за безбедност на новинарите, Веран Матиќ, вели дека имињата на останатите новинари во егзил не се објавуваат бидејќи дел од нив сакаат да продолжат нормално да живеат и работат, додека други се наоѓаат во специфични правни ситуации.
Меѓу шестемина има истражувачки новинар, новинарка која била изложена на постојани закани и навреди, локален новинар кому му било заканувано со смрт, како и новинар и професор кој со години бил изложен на закани и напади врз него и неговото семејство.
Според Матиќ, речиси сите случаи имаат исти карактеристики – новинарите со години биле изложени на смртни закани, сериозно загрозување на безбедноста и организирани кампањи на таргетирање, додека сторителите останувале неказнети. Посебно загрижува што во притисоците се вклучуваат и децата, сопружниците и родителите на новинарите.
Тој предупредува дека притисоците врз новинарите не се ограничуваат само на отворени закани, туку вклучуваат и медиумски кампањи, институционални притисоци, економско исцрпување, надзор и правна несигурност. Случајот со Радиќ, според него, може да има пошироки последици врз слободата на новинарската работа и доверливоста на комуникацијата меѓу новинарите и нивните извори.
Матиќ оценува дека заминувањето на шестемина новинари не е изолиран феномен. Во егзил, според него, се наоѓаат и студенти и активисти кои биле изложени на кривичен прогон и политички притисоци.
„Заминувањето на новинарите од Србија не е само лична трагедија на поединците и нивните семејства, туку сериозен показател за состојбата на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите. Општество од кое професионалните новинари заминуваат затоа што не можат безбедно и слободно да ја вршат својата работа губи многу повеќе од неколку искусни луѓе – ја губи способноста критички да ја согледува сопствената реалност“,
заклучува Матиќ.
