Според проценките, се разгледуваат повеќе можни сценарија за руска ескалација – од голем сајбер напад до ограничен упад на територијата на некоја членка на НАТО. Не е јасно кога и на кој начин Москва би можела да се одлучи на ваков чекор. Сепак, еден од изворите проценува дека, доколку дојде до ескалација, најверојатни цели би биле балтичките држави или Полска
Најновите проценки на американските разузнавачки служби укажуваат на тоа дека рускиот претседател Владимир Путин во следните неколку години би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО преку ограничен напад врз една од земјите членки на Алијансата, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на три извори запознаени со извештаите.
Според проценките, се разгледуваат повеќе можни сценарија за руска ескалација – од голем сајбер напад до ограничен упад на територијата на некоја членка на НАТО. Целта, според изворите, би можела да биде да се испита единството на Алијансата и нејзината подготвеност да го примени членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Не е јасно кога и на кој начин Москва би можела да се одлучи на ваков чекор. Сепак, еден од изворите проценува дека, доколку дојде до ескалација, најверојатни цели би биле балтичките држави или Полска.

Американски и претставници на НАТО сметаат дека ризикот би можел да се зголеми доколку Путин не успее да најде политички прифатлив излез од војната во Украина. Временскиот период во кој рускиот претседател би можел да се реши на таков чекор, според разузнавачките проценки, би бил во наредните неколку години.
Од НАТО не ги коментираат доверливите разузнавачки информации, но велат дека Алијансата постојано се подготвува за различни можни сценарија.
„НАТО ја следи ситуацијата и ние сме подготвени да одвратиме и да се браниме кога тоа е потребно“,
изјавија од Алијансата.
Проценките доаѓаат по серија инциденти поврзани со руски летала и активности на територија или во воздушниот простор на членки на НАТО. Во мај годинава дрон со експлозив погоди станбена зграда во Романија во време кога руските сили напаѓаа блиско украинско пристаниште. Во септември минатата година, пак, борбени авиони на НАТО соборија повеќе руски дронови кои навлегле во полскиот воздушен простор за време на напад врз Украина.

Дополнителна загриженост предизвика и инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале во Германија. Според американска проценка, дрон натоварен со експлозив, пронајден во обезбедена зона на аеродромот, бил поврзан со руска разузнавачка служба. Американски одбранбен претставник во Европа изјавил дека леталото носело експлозив од воен тип.
„Дронови и закани со дронови, вклучително и во хибриден контекст, се нешто што ни е познато од минатото. Но, дрон вооружен со експлозив на аеродром претставува ново сценарио на закана“, изјави германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт.
Новите проценки за Русија се појавуваат во момент кога во САД расте загриженоста поради значителното трошење на залихите на клучна муниција и противвоздушни ракети во војната со Иран. Според претходно објавени информации потрошени се речиси 80 отсто од американските пресретнувачи за системот THAAD, како и околу половина од ракетите-пресретнувачи за системите „Патриот“.
Недостигот од клучна муниција веќе влијае врз начинот на кој американските воени команданти ги планираат можните идни конфликти, меѓу кои и потенцијална руска ескалација против НАТО или евентуален конфликт со Кина во Пацификот.
