„Мицкоски ја загуби контролата. Се плаши од вистината. Се плаши од народот. Се плаши од младите. Затоа што младите не се купуваат со лаги. Не се плашат од закани. И не молчат додека цела Македонија се труе“, велат од партијата
За време на денешната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Ново Село се нападнати млади активисти на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), кои мирно протестираа со порака поврзана со состојбата во Гостивар, соопштија вечерва од опозицискиот вечерва од Социјалдемократски сојуз (СДСМ).
Оттаму тврдат дека инцидентот е доказ за односот на власта кон критиките, оценувајќи дека наместо аргументи се користат закани и насилство.

„Во Ново Село денеска мирни млади социјалдемократи го пречекаа Христијан Мицкоски со едноставна порака: ‘Гостивар се труе, вие сте виновни’. Мирно. Културно. Без насилство. Одговорот на организираната криминална група беше класичен: пратија околу десетмина да им се закануваат, да ги нападнат и да ги замолчат“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека меѓу луѓето што се заканувале и ги нападнале активистите, бил и возачот на градоначалникот на Ново Село, Наско Димитриев.
„Вчера поднесуваа кривични пријави за навреда. Денеска праќаат насилници. Ова е нивото на власт што ја води Мицкоски. Кога нема аргументи – праќаат луѓе да тепаат. Кога нема резултати – шират страв“,
се вели во соопштението.
Според партијата, кога народот прашува за труењето во Гостивар, власта напаѓа млади.
„Мицкоски ја загуби контролата. Се плаши од вистината. Се плаши од народот. Се плаши од младите. Затоа што младите не се купуваат со лаги. Не се плашат од закани. И не молчат додека цела Македонија се труе“,
посочија од опозицијата.
Од СДСМ побараа од Министерството за внатрешни работи (МВР) да ги идентификува и да ги приведе сите учесници во инцидентот и без селективност целосно да го расчисти случајот.
„Сите до еден. Без селективност. Без заштита“,
велат од партијата.
На своите млади активисти им порачаа, пак, дека ја имаат поддршката од партијата и дека нема да бидат замолчени.
„Не сте сами! Нема да ве замолчат. Борбата против насилството и криминалната власт продолжува. Народот е буден. И стравот веќе не е на нивна страна“,
додаваат оттаму.
На Фејсбук од партијата објавија и видео од денешните случувања за време на протестот во Ново Село.
