Од јавното обвинителство на РСМ пред малку потврдија дека во Охрид е запленет еден глисер во сопственост на „второосомничениот“ во случајот „Рекет“. Институцијата, засега не ги потврдува информациите дека во градот се запленети и други предмети, како луксузни автомобили, за што веќе пишуваа повеќе медиуми.
Дека истрагата во „Рекет“ испитува и потекло на глисери и луксузни автомобили, дел од медиумите објавија уште вчера. Во дел од текстовите имаше и обвинувања дека дел од тие предмети завршиле и кај братучедот на премиерот, Трајче Заев, што потоа на прес-конференција го повтори и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ги демантираше таквите тврдења а потоа и компанијата „Орка Холдин“. Од фирмата на Јордан Камчев изјавија дека автомобилите „мерцедес“ и „бентли“ ги продале на други лица и дека не е нивна работа што се случувало подоцна со нив.