Санчез ги обвини трговците со мигранти дека ја злоупотребуваат неодамна донесената одлука од Врховниот суд на земјата, со која се ограничува правото на владата веднаш да ги депортира луѓето што пристигнале по море
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на „обединета акција“ за безбедноста на границите по хаотичниот прилив на десетици илјади мигранти од Мароко во шпанската енклава Сеута минатата недела.
Шпанија проценува дека околу 69 500 мигранти сега се вратиле во Мароко, надминувајќи ги првичните проценки од 50 000. Официјалниот број на жртви од шпанската страна на границата изнесува 72, со 11 смртни случаи од мароканската страна, јавува Би-би-си.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ ќе имаат итни разговори преку видеоконференција за да разговараат за ова прашање. Тоа ќе биде шанса да се извлечат „поуки“ од епизодата во Сеута, рече Фон дер Лајен, предупредувајќи дека предизвиците на нелегалната имиграција бараат „заеднички европски одговор, обединета акција и солидарност“.
Сцените во Сеута ги затегнаа односите меѓу некои од 27-те земји членки на ЕУ.
Во писмо до шпанскиот премиер Педро Санчез, Фон дер Лајен го пофали неговото „брзо справување“ со кризата.
Но, таа додаде: „Од овој инцидент, јасно е дека мора да направиме повеќе за дополнително зајакнување на нашите граници на критичните точки“. Таа предупреди дека заштитата на надворешните граници е заедничка европска одговорност, а воедно повика и на „будно следење и на физички бариери каде што е потребно“.
Како одговор на премините во Сеута, Италија привремено го суспендира Шенгенскиот договор со Шпанија. Овој договор ги елиминира граничните проверки и сега опфаќа повеќе од 450 милиони луѓе и 29 земји во Европа.
Финска и Данска го поддржаа потегот на Италија, додека чешкиот премиер Андреј Бабиш побара привремена суспензија на членството на Шпанија во Шенген.
Санчез рече дека има „сериозни загрижености“ за некои европски влади и истакна дека Сеута не е дел од Шенген-зоната. Иако повеќето покажаа „поддршка и солидарност“, тој вели дека другите европски влади одлучиле да ја нападнат Шпанија, „водени од предрасуди, лажни вести, незнаење или политички интерес“.
Санчез ги обвини трговците со мигранти дека ја злоупотребуваат неодамна донесената одлука од Врховниот суд на земјата, со која се ограничува правото на владата веднаш да ги депортира луѓето што пристигнале по море.
Министерот за внатрешни работи на земјата, Фернандо Гранде-Марласка, во саботата изјави дека ситуацијата речиси се вратила во нормала и дека земјата работи на спречување на нелегалната миграција преку водата.
