Додека Владата тврди дека ребалансот на буџетот е одговор на променетите економски околности, опозицискиот СДСМ смета дека станува збор за признание за слаб институционален капацитет и промашена економска политика
Макроекономските и фискалните остварувања во првата половина од годината, условени од надворешните случувања ја наметнаа потребата од ревидирање на иницијалните проекции на буџетот со цел да се обезбедат дополнителни средства за сервисирање на најприоритетните обврски произлезени од потпишаните колективни договори, повеќе средства за земјоделството, за социјалната заштита , општините и повеќе средства за капитални расходи, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. На собраниската седница на која го образложи дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот за 2026 година, министерката порача дека обврска на Владата и ресорното министерство е навремено да реагираат и да ги усогласат буџетските проекции со реалните економски движења.
„Со предложените измени ги усогласуваме макроекономските претпоставки и фискалните проекции, пред сè на расходната страна на буџетот. Целта е да обезбедиме целосна реализација на стратешките приоритети и програмските определби до крајот на годината. Истовремено, обезбедуваме дополнителни средства за капитални расходи имајќи ја предвид забрзаната динамика на реализација на капиталните проекти што се финансираат од централниот буџет. Ребалансот на буџетот, вклучително и овој дополнет ребаланс, како што истакна, не претставува само техничка измена на буџетските ставки. Зад него стојат јасни политики што Владата ги насочува кон поддршка на економијата и на граѓаните. Тој е одговор на променетите економски околности и инструмент преку кој ги усогласуваме јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите и граѓаните“,
рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката посочи и дека во однос на остварувањата досега, во периодот од јануари – јуни вкупните приходи на буџетот достигнале 169,9 милијарди денари, што претставува реализација од речиси 45,3 проценти од годишниот план или бележат раст од 8,6 проценти, во споредба со истиот период во 2025 година.
„Особено е значајно што најголемиот дел од приходите доаѓа од редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, при што приходите од данокот на додадена вредност изнесуваат 43,3 милијарди денари и учествуваат со речиси 44,7 % во вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход достигнаа 17,5 милијарди денари, приходите од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а врз основа на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари. Она што особено сакам да го нагласам е дека приходите од данокот на личен доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност и увозните давачки бележат раст во однос на истиот период минатата година. Тоа е директна потврда дека економската активност продолжува, дека компаниите работат, дека платите растат и дека институциите успешно ја реализираат политиката на подобра наплата и намалување на сивата економија“,
потенцира министерката.
Од СДСМ оценија дека ребалансот не е развоен документ, туку признание за слаб институционален капацитет и промашена економска политика. Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, рече дека Владата зборува за инвестиции и раст, но не обезбедува доволна поддршка за домашните компании и продуктивната економија.
„Владината приказна за развоен ребаланс звучи само како убав ПР-наслов врз слаб административен капацитет. Развојот не е бројка ставена во буџетска колона. Потребно е таа бројка да стане нов пат, модерна железница, опремено училиште, функционална болница, технолошки подготвена компанија, повисока продуктивност и подобра услуга за граѓаните. Неспорно е дека оваа Влада има амбиција, но и недостига институционална сила за нејзината реализација“,
посочи Битиќи.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски се осврна на средствата од ребалансот кои се за реализација и комплетирање на сите планирани и почнати капитални проекти, кои се во интерес на граѓаните.
„Овие средства се наменети за ЈПДП, заем за ЈПДП, затоа што оваа Влада работи на реализација и комплетирање изградба на сите автопати што се во моментот во градба и затоа тие средства му се потребни на ЈПДП. Тие не се потребни за никакви долгови на државата или за никакви долгови на тоа претпријатие, туку за реализација на капитални објекти, кои се во интерес на граѓаните. Во вашето владеење со ДУИ исто така имаше заеми, земаа исти заеми за капитални проекти, кои, за жал, на крајот не се реализираа. А што е најлошо од сè, тие пари што ги позајмивте од претпријатијата како влада и како институции не ги вративте во тие претпријатија и оставивте хаос зад себе“,
кажа Стојановски.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ во контрареплика порач дека ако сме трета економија според раст на БДП, нема да има ценовни шокови, нема да има доцнење на субвенциите за земјоделците, доцнење на помошта што треба да ја имаат ранливите категории, нема да бидат максимално задолжени општини, нема да има 18 милијарди неисплатени обврски кон приватниот сектор, непрофитните организации и здруженија.
Пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците рече дека обичниот граѓанин никаде не го гледа економскиот бум.
„Граѓаните гледаат дека минималната семејна кошничка станува сè понеподнослива, дека платите и натаму се меѓу најниските во Европа, дека цените растат повеќе од нивниот животен стандард, голем дел од младите не размислуваат како да изградат иднина во оваа држава, туку како што побргу да си заминат од неа. Прашањето е дали овој ребаланс ќе го промени животот на граѓаните, дали ќе го зголеми стандардот, дали ќе ги намали трошоците за живот, дали ќе се убедат младите иднината тука да ја изградат. За жал, овој документ не ми дава причина да верувам дека одговорот е позитивен“,
рече Снопче.
