При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени, велат од Министерството за транспорт

Фото: Министерство за транспорт
Бакарни жици, шини и прачки, како и други уреди и елементи неопходни за функционирање, се украдени од електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, информира Министерството за транспорт. Со кражбата, како што велат од министерството, предизвикано е целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура и оти објектот е нефункционален.
„При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени“,
велат од министерството.

Фото: Министерство за транспорт
Според првичната проценка, материјалната штета изнесува околу пет милиони евра.
„Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“,
посочуваат од Министерството за транспорт.

Фото: Министерство за транспорт
Од министерството бараат случајот да биде темелно и итно истражен – сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали, да бидат идентификувани и да понесат одговорност.

Фото: Министерство за транспорт
