„Катимерини“ пишува дека поради лошите временски услови, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција го вклучил црвениот метеоаларм за 11 региони во земјата, прогласувајќи состојба на мобилизација за надлежните
Силно невреме проследно со дожд, грмотевици и опасни налети на ветер денеска ја погоди Атина и нејзините предградија, а циклонскиот бран погоди и делови од северна Грција, предизвикувајќи штети на инфраструктирата и проблеми во сообраќајот, пишуваат тамошните медиуми.

Според весникот „Катимерини“, врнежните од дожд предизвикале сериозни проблеми во центарот на Атина и во Пиреја, каде од силниот ветер паѓале кровови и скелиња од згради, а сообраќајот бил во прекин на некои од улиците во градот.
Грчките противпожарни служби добиле над 150 повици за испумпување вода од поплавени објекти, како и за други интервниции, од кои речиси 60 се однесувале на проблеми и штети предизвикани од невремето во Атина.
Во попладневните часови на удар на невремето биле делови од централна и северна Грција, а силни бури во утринските часови биле регистрирани во Јонското Море.
Особено критично било на Олимп каде силен град и снег ја прекриле планината во бело, додека удар од гром предизвикал пожар во Волос.
Стравотни снимки што ги објавуваат грчките медиуми, но и граѓани на социјалните мрежи сведочат за силината на невремето во различни делови од земјата.
Како што пишуваат тамошните медиуми, „небесата се отвориле“ и во Ламија, а доста погодена била и западна Фтиотида, каде силниот град предизвикал сериозни штети во околните села каде има доста овоштарници.
Според извештаите, 15-минутниот силен дожд и град биле доволни да предизвикаат сериозни проблеми во сообраќајот на националниот автопат и покраинската мрежа.
Силен град ја погодил и Гревена денеска напладне, предизвикувајќи штети на посевите и автомобилите, како и застој во патната мрежа.
Претходно грчките власти издадоа итно предупредување поради опасни временски услови што ќе ја зафатат земјата, а Цивилната заштита го активираше системот за итни известувања 112, испраќајќи смс-пораки до граѓаните и туристите.
„Катимерини“ пишува дека поради лошите временски услови, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција го вклучил црвениот метеоаларм за 11 региони во земјата, прогласувајќи состојба на мобилизација за надлежните.
