Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вели и оти лошите извештаи од Европската комисија забележуваат назадување во правосудниот систем и кај слободата на медиумите и оти Македонија ризикува да ги изгуби европските фондови од следниот седумгодишен буџет

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции ја обвини власта оти последните извештаи на Европската комисија упатиле сериозни предупредувања за назадувањето на државата, нагласувајќи дека единствена реална перспектива за земјата останува европскиот пат, отворено прашувајќи ја власта дали намерното запирање на интегративниот процес претставува форма на државен удар.
„Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на ‘српскиот свет’ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион, овде на Балканот, на овој дел од Европа, се нешто што отворено стои во извештаите“,
рече Филипче.
Додека проширувањето е еден од врвните приоритети на Европската Унија, Филипче вели оти Македонија е единствената земја кандидат која нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, притоа правејќи паралела со Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија, кои во ист ден одржале меѓувладини конференции и сигурно чекорат кон полноправно членство. Според него, стоењето во место додека регионот оди напред значи огромно назадување, што директно води кон губење на перспективата за младите кои сè потешко ја гледаат својата иднина во татковината.
„Секој ден гледаме како регионот оди напред. За жал, ние стоиме во место. Кога регионот оди напред, а ние не правиме ништо, тоа е и назадување. Ќе дојде временски период во кој веќе нема да може да се споредуваме со никого, затоа што едноставно луѓето овде нема да ја гледаат иднината“,
кажа тој.
Филипче прашува и дали поради статус квото во кој се наоѓа Македонија во моментов, можеби ќе остане на маргините при креирањето на следниот седумгодишен буџет на Европската унија, бидејќи без јасна волја и конкретни чекори за продолжување на европскиот пат, државата ризикува да добие само мали буџетски ставки наместо милијардите грантови кои се неопходни за суштински развој и промена на системот.
„Знаеме што беа Хрватска и Бугарија пред нивното членство во Европската Унија. Знаеме колкава сума пари, милијарди евра, им се отвори можност да користат како грантови од Европската Унија за инфраструктурни проекти кои ги сменија и Хрватска и Бугарија. Да не зборуваме за Романија и другите држави. Италија и Шпанија се променети поради членството во Европската Унија, економии со кои ние не можеме ни оддалеку да се споредуваме“,
заклучи Филипче.
