„Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитени зони околу водните извори“, вели министерот

Загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој директно го загрози здравјето на илјадници граѓани, а Владата очекува брза, темелна и транспарентна истрага за целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани, изјави денеска министерот за животна средина Муамет Хоџа.
На денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања за проектот за филтер-станицата на изворот Вруток, Хоџа појасни дека проектот започнал во 2011 година, а бил завршен во 2014 година. По комплетирањето, тој со записник за примопредавање му бил предаден на управување на Јавното претпријатие „Комуналец“, кое функционира во рамките на Општина Гостивар.
Хоџа ја нагласи и законската поделба на надлежностите меѓу централната и локалната власт.
„Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води, се надлежност на општините и на јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитени зони околу водните извори“,
истакна Хоџа.
Министерот информираше дека во моментов се спроведува најголемиот инвестициски циклус за унапредување на водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и заштита на животната средина.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме општините со инвестиции, стручна помош и политики кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“,
рече Хоџа.
Сепак, рече дека инвестициите сами по себе не се доволни и повика секој носител на јавна функција и секоја институција на централно, па и на локално ниво, професионално, законски и свесно да ги извршува своите надлежности.
„Само така можеме да изградиме систем во кој вакви инциденти нема да се случуваат. Нашата обврска е да ја заштитиме животната средина, но пред сè да го заштитиме здравјето на граѓаните“,
додава тој.
Инаку, на денешната прес-конференција директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска, информираше за деталите од теренскиот увид поврзан со појавата на епидемија во Гостиварско.
Хронолошки раскажувајќи за случајот, рече оти по барање на Основното јавно обвинителство Гостивар, инспекторите на ДИЖС на 16 јули извршиле вонреден вечерен увид во координација со крим-полицијата, Агенцијата за храна и ветеринарство, центрите за јавно здравје од Скопје и Тетово, како и претставник на ЈП „Комуналец“.
Теренскиот увид, додаде таа, покажал дека дивиот приклучок се наоѓа на 800-900 метри оддалеченост од главниот цевковод кој ја снабдува општината со вода за пиење, при што било утврдено дека водата се зафаќала од водно тело кое гравитира во постојан отворен канал и не е опфатено во дозволата која Министерството за животна средина му ја издало на гостиварското комунално претпријатие.
