Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) претходно соопшти дека го завршила својот седми последователен ден на напади со напаѓање на ирански места за надзор, воена логистичка инфраструктура, подземно складиште за оружје и поморски капацитети, а со цел дополнително да ги ослабат воените капацитети на земјата

Иран започна обновени напади врз сојузниците на САД во Заливот, по седмата ноќ американски напади насочени кон иранските воени објекти и со тоа ескалира војната една недела откако пропадна кревкиот договор за прекин на огнот, пишува Ројтерс.
Според информациите, Кувајт бил под постојан напад, при што е погодена фабрика за десалинизација, а летовите на меѓународниот аеродром во Кувајт биле прекинати поради повторени закани со ракети и беспилотни летала.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала центар за поддршка на американската војска во кампот „Арифџан“ и уништила радарски објект во воздухопловната база „Али ал Салем“ во Кувајт.
Иранските државни медиуми објавија дека во Бахреин, Револуционерната гарда нападнала локација каде што биле собрани американски борбени авиони во воздухопловната база „Шеик иса“ и центар за разузнавачки податоци.
Сепак, според Ројтерс, ова се информации што агенцијата не може да ги потврди.
„Бидејќи не постои меѓународна институција што би го спречила дивјаштвото на американската војска, немаме друг пат пред нас освен куранската команда: ‘Кој и да ве нападне, нападнете го на ист начин’“,
се вели во соопштението на гардата кое го пренесува Ројтерс, а во кое се предупредуваат сојузниците на САД во регионот да очекуваат повеќе напади.
Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) претходно соопшти дека го завршила својот седми последователен ден на напади со напаѓање на ирански места за надзор, воена логистичка инфраструктура, подземно складиште за оружје и поморски капацитети, а со цел дополнително да ги ослабат воените капацитети на земјата.
Се додава дека американските сили употребиле борбени авиони, воздушни беспилотни летала и воени бродови.
Вчера, иранските државни медиуми објавија дека американските напади погодиле најмалку пет моста на југ. Седум лица се убиени во напади врз мостови во јужното пристаниште „Бандар Хамир“, каде што беше погодена и железничка станица. Според извештаите, погоден е и аеродромот Ираншахр.
Во одделни напади, била урната кула во пристаништето „Чабахар“ во Оманскиот Залив, за која американската војска вели дека ја користела Исламската револуционерна гарда (IRGC) за напади врз бродови.
