Со цел да се спречи поголема опасност за здравјето на граѓаните во овој регион, АХВ воведе привремена забрана за користење на водата од гостиварскиот водовод сè до добивање на официјалните резултати од испитувањата

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните.
Ваквата одлука следува откако инспекциските служби вчеравечер направиле вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица за вода во селото Вруток.
Надзорот бил направен по поплаки од граѓани и пријава од гостиварската полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар. Инспекторите на АХВ, во координација со ОЈО Гостивар, Министерството за животна средина и крим-техника на МВР, откриле упад во водоснабдителниот систем.
Во главниот цевковод на водоводната мрежа, целосно нелегално и без никакво одобрение, била поставена пумпа што директно внесувала вода од реката Вардар.
Со цел да се спречи поголема опасност за здравјето на граѓаните во овој регион, АХВ воведе привремена забрана за користење на водата од гостиварскиот водовод сè до добивање на официјалните резултати од испитувањата.
Стручни лица од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе зеле мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност.
Претходно објавивме дека исправноста на водата за пиење во гостиварскиот водовод се проверува со вонредни контроли за да се утврди дали има поврзаност со зголемениот број пациенти со дигестивни проблеми.
Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика, најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.
Лекарите препорачуваат да се води повеќе сметка за хигиената и навиките, особено во летниот период кога температурите се високи, а ризикот од стомачни инфекции значително е зголемен.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска потврди дека гостиварското Обвинителството презема истражни дејствија за случајот со можната неисправност на водата за пиење во градскиот водовод , за да се утврди дали има поврзаност со зголемениот број пациенти со дигестивни проблеми.
