Најави дека в понеделник ќе се одржи состанок со производителите и дистрибутерите, на кој се очекува да се разговара за набавните и продажните цени на големите количини
Повикувајќи се на најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), рече дека инфлацијата овој месец е намалена за 0,5 отсто, што покажува дека по неколку месеци има тренд на нејзино намалување
Контролите на Државниот пазарен инспекторат на над 700 производи покажале дека во периодот од мај 2025 до мај годинава просечните набавни цени на основните прехранбени производи и средства за хигиена се зголемиле за 2,66 отсто, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56 отсто, информира денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по седницата на Економско-социјалниот совет.

Посочи дека разликата меѓу набавните и продажните цени покажува дека дел од зголемувањето на малопродажните цени се должи на зголемени бруто-профитни маржи кај одредени трговци.
„Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените и другите производи се зголемува поради бруто-профитната маржа што одредени трговци ја зголемиле оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, тие не ги намалиле своите цени“,
рече тој.
Најави дека в понеделник ќе се одржи состанок со производителите и дистрибутерите, на кој се очекува да се разговара за набавните и продажните цени на големите количини.
Повикувајќи се на најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), рече дека инфлацијата овој месец е намалена за 0,5 отсто, што покажува дека по неколку месеци има тренд на нејзино намалување.
Цените на храната и на безалкохолните пијалаци се намалени за 1,1, отсто, а транспортот за 1,6 отсто.
Посочи на најновата анализа за периодот март-јуни годинава, која покажува поинаков тренд кај производителите, каде што набавните цени се зголемиле за околу 2,04 отсто, додека продажните цени пораснале за само 0,16 отсто.
„Тоа значи дека трендот на зголемување на бруто-профитната маржа во последните месеци е намален и цените се во стабилна фаза“,
додаде Дурмиши.
Во однос на потрошувачката кошничка, вели дека таа била на дневен ред на денешната седница на ЕСС, но дека веќе е разгледана од сите чинители и ќе биде дел од националната стратегија.
Според него, на следните седници на ЕСС ќе продолжи разгледувањето на ова прашање, по што информациите ќе бидат достапни и за јавноста.
Премиерот Христијан Мицкоски една недела рече дека цените на основните прехранбени производи се негов личен приоритет и дека активно работи на анализа на производите што влегуваат во потрошувачката кошничка.
Најави детална анализа на околу 600 до 700 производи кои се следат статистички, со цел да се утврди кои фактори влијаат врз нивните цени и каде има простор за дополнително намалување.
Според него, доколку е потребно, ќе се анализира секој производ и секоја фактура поединечно, а резултатите од процесот, како што рече, треба наскоро да бидат видливи на терен.
