Јас сакам навистина овојпат тендерот да успее и затоа подобро да почекаме некој ден да се заврши работата, отколку на кој било начин да има негативно влијание, вели министерот Николоски

Четири компании аплицирале на повторениот тендер за набавка на новите автобуси кој заврши пред десет дена, соопшти денеска министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Тој вели дека сè уште не го добил извештајот од Комисијата, но се надева на успешна набавка на автобусите.
„Во понеделник ќе го добијам извештајот, можам да кажам дека четири компании аплицирале, во понеделник ќе ве запознаеме со наодите од извештајот и навистина се надевам дека овојпат повикот ќе биде успешен и дека ќе имаме успешна набавка на автобусите, имајќи предвид дека искуствата од минатиот повик се надевам дека е поука и за компании да понудат добра и квалитетна документација“,
кажа Николоски во изјава за медиумите по увидот во реконструираната улица „Лазар Димитров“ во Општина Кисела Вода.
На новинарско прашања дали компаниите кои аплицирале се европски и дали се повторуваат од претходните огласи, министерот рече дека ги нема деталите. Повтори дека во понеделник ќе се споделат сите информации, оти понудите ги разгледувала евалуациска комисија составена од експерти од Министерството за транспорт и од Машинскиот факултет. Тврди дека не сакал ниту да праша за кои компании станува збор.
„Законот вели дека се формира Комисија, Комисијата е составена од претставници на Министерството за транспорт и Машинскиот факултет и дека раководниот орган, во случајот министерот, е известен со извештај. И токму заради тоа што побудува толку голем интерес оваа работа јас не сакам на ниту еден начин, ниту да влијаам – ниту да се мешам во работата на Комисијата, а секое прашање може да биде доживеано како такво. Така што, во моментот кога ќе го добијам извештајот, тој ќе биде споделен во јавноста, сè друго мислам дека може да наштети на процесот. Јас сакам навистина овојпат да успее и затоа подобро да почекаме некој ден да се заврши работата, отколку на кој било начин да има негативно влијание“,
посочи Николоски.
Обновената постапка следува по поништувањето на претходниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење.
Според техничката спецификација, автобусите треба да се во црвена или бела боја, со најмалку 30 седишта плус возачкото седиште, за најмалку 66 патници и да има најмалку едно место за инвалидска количка, како и платформа за инвалидски колички која мануелно би се извлекувала по потреба.
Станиците за полнење треба да се со моќност од најмалку 120 kW за едно приклучно место.
И за автобусите и за станиците, потребно е економскиот оператор да обезбеди гаранција во времетраење од 4 години. Во гарантниот рок обврска на операторот ќе биде тековното редовно одржување и поправката на сите настанати технички неисправности, се вели во техничката спецификација.
