Сите три лица се спасени, немаат видливи повреди и се наоѓаат во добра здравствена состојба
Двајца 15-годишници и еден 18-годишник, кои се капеле во реката Треска, денеска се извлечени од надојдената вода предизвикана од зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму додаваат дека случајот е пријавен преку бројот за итни повици 112 дека три лица што се капеле во реката Треска се однесени од силниот воден тек.
„Едното малолетно лице веднаш е извлечено од водата, додека другите две се пронајдени низводно по течението на Треска“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Сите три лица се спасени, немаат видливи повреди и се наоѓаат во добра здравствена состојба.
По приемот на пријавата, од ЦУК побарале помош од полицијата, од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Скопската противпожарна единица и Итната медицинска помош.
Како што велат од ЦУК, на местото на настанот излегол и директорот Али Мухамет, кој ја следел и координирал спасувачката акција.
Оттаму апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти.
