Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека во 21 век, во време на развиена технологија и вештачка интелигенција, мора да се најде начин како казните да бидат испратени до возачите што сториле сообраќаен прекршок, а се странски државјани
Системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да евидентира и да испраќа казни за сторени сообраќајни прекршоци до странски државјани – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Апелираше до граѓаните што транзитираат низ земјава, особено по коридорите 8 и 10, да бидат одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила. Целта, како што вели, е да се спасат човечки животи.

„Покрај македонските граѓани, наскоро и граѓаните што транзитираат во земјава ќе добиваат казни за сторени сообраќајни прекршоци. Системот ‘Безбеден град’ функционира и ќе се однесува за сите, без разлика дали е со македонски или со странски регистарски таблички. Брзо ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила“,
изјави Тошковски кој заедно со својот српски колега Ивица Дачиќ ја промовираа кампањата „Вози одморен“ на граничниот премин „Табановце“.
Министерот вели дека во 21 век, во време на развиена технологија и вештачка интелигенција, мора да се најде начин како казните да бидат испратени до возачите што сториле сообраќаен прекршок, а се странски државјани.
„Ако во ова време не најдеме начин како да ги доставиме казните, мислам дека имаме проблем самите со себе. Ќе треба време, процесот не е едноставен за спроведување, но ќе го спроведеме и како што е имплементиран за македонските граѓани така ќе важи и за другите што транзитираат и ги прекршуваат правилата. Имаме замислено решение и за брзо ќе ве увериме дека функционира“,
кажа Тошковски одговарајќи на новинарски прашања.
Системот „Безбеден град“ за автоматско евидентирање на сообраќајните прекршоци функционира од 1 февруари годинава, а до 22 јуни евидентира над 120 000 сообраќајни прекршоци.
