Борче Серафимовски е актуелен државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, попладнево на прес-конференција потврди дека партијата со владината реконструкција ќе го добие ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство, во замена за Министерството за правда, со кое досега раководеше Игор Филков од ЗНАМ.

На министерската позиција во Земјоделство, како што најави Димитриевски, ќе биде предложен Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова министерство.
„Движењето ЗНАМ ќе го преземе раководењето со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За министер го предлагаме Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова министерство. Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Тој и самиот е земјоделец. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнисмен менаџер и дипломиран дефендолог“,
изјави Димитриевски на денешната прес-конференција.
Министерството за јавна администрација и натаму ќе го води Горан Минчев, кој исто така е кадар на ЗНАМ.
„Актуелниот министер за јавна администрација Горан Минчев во изминатите две години покажа дека реформите можат да се реализираат со знаење, визија и политичка одговорност“,
рече лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски рече дека ЗНАМ во септември ќе добие уште едно заменик-министерско место, во, како што кажа, влијателно министерство. Претходно денеска и премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Телма изјави дека движењето ЗНАМ ќе го добие ресорот Земјоделство, како и уште еден заменик-министер.
