Ќе ја дочека ли Струга и оваа туристичка сезона борејќи се со честите пожари и неподносливата смрдеа од дивата депонија ?
Ветувањата и на локалната и на централната власт, дека на пролет ќе се реши проблемот со дивата депонија, стружани но и од граѓанската иницијатива „Доста“ ги прифаќаат со резерва. Депонијата која се создаде уште во првиот мандат на градоначалникот Мерко, го пречека и при неговото трето враќање како прв човек на градот.
„Последно што имавме е еден неформален разговор со градоначалникот. Од него ни беше ветено дека на пролет ќе се започне со конретни активности за решавање на проблемот со дивата струшката депонија, но морам да ви кажам дека од досегашното искуство со ветувањата на централните и локалните власти за решавање на проблемот, со право сме резервирани кон ова ветување и не би можеле да го земемо здраво за готово се додека не видиме конкретни мерки и активности на дело,на терен“-вели Глигорие Ќатоски од граѓанска иницијатива „Доста“.
Снегот кој падна неколку денови пред почетокот на пролетта и ја прекри струшката дива депонија, само на миг ги направи невидливи проблемите од неа. Купиштата смет гнијат на плодно земјиште понирајќи до подземните води кои потоа се влеваат во Охридското езеро и во Црн Дрим.
На само 50 километри воздушна линија од оваа дива депонија тука во Струга, во соседна Албанија, поточно во Елбасан, е изградена фабрика која во текот на денот согорува околу 150 тони отпад, од кои се добива електрична енергија.
Решението кое ќе внесе ред во депонирањето на сметот и ќе стана вносен бизнис деновиве беше тема на разговор помеѓу Владата и градоначалниците. Премиерот Заев побара општините да и ги предадат надлежностите во управувањето со отпадот на централната власт се до мигот кога регионалните депонии ќе бидат организирани по најсовремени стандарди.
„Цел свет функционира така,не ја измислуваме топлата вода. Или кога збориме за депонија тоа не значи дека од целиот регион ќе се собира сметот и токму тоа во мојата општина сега ќе се депонира па и тука во селото па и таму кај што живеам и сега како ќе објаснам.Не. Има палионици,пример како технологија која што апсолутно ниту смет гледате ниту ништо , имате продукција на струја од него, комплетно одржливо во делот на секундарната употреба на производите современи системи, и во светот се борат општините кај кој да биде локацијата. Има борба затоа што сметот е најнов бизнис кој буквално е еден од најпрофитабилните, а ќе го има додека го има човекот“ -изјави Премиерот Заев по неодамнешниот состанок со градоначалниците.
Министерството за животна средина во соработка со Европската унија преку ИПА- фондовите ќе треба да инвестира стотици милиони евра за да се елиминираат дивите депонии низ целата држава, градејќи 8 регионални. Министерот Дураку ги повика општините да го прифатат овој проект како единствено добро решение.
„Локалната власт треба да ги прифати како добредојдени од Владата, бидејќи тие се предвидени со закон за да ги изградат депониите така што ќе се предвиди овие 54 диви депонии да се затворат таму каде се предвидени со план и со физибилити-студии и каде за неколку региони се предвидени и обезбедени средства и да се затворат дивите депонии и да има една регионална депонија, каде во 8 региони во РМ ќе имаме само 8 депонии“- ни изјави Дураку.
Во исчекување на одлуката на општините за делегирање на правата за справување со сметот, Тетово почна делумно да го применува новиот модел. Дивата депонија, која изминатите години го труеше градот,сега е целосно исчистена. Отпадот се носи во собирните станици, а од таму се транспортира во скопската депонија Дрисла. Велат, поради лошата информираност, недлежните имат проблем со месното население.
„Јавното комунално претпријатие Тетово и другите општини се блокирани од страна на граѓаните за транспорт на отпадот до регионалната депонија во Полог, Русино и по многу обиди ние постигнавме договор на локално ниво, но за жал ние се уште сме блокирани за транспорт и сме принудени да направиме договор со Дрисла, нормално од сите аспекти на претпријатието и чини од финансиски аспект , но и од време за транспорт на отпад во Дрисла„вели првиот човек на ЈКП Тетово,Џелал Цека.
И невладините организации,кои беа најгласни против депониите како најголеми загадувачи на градот под Шара,бараат современо менаџирање со отпадот.
Аријан Џафери од Еко Герила вели- „има неколку фази на менаџирање со отпадот и се познати како 3 Р, кои се редуцирај, реновирај и рециклирај. Многу подобро ќе беше граѓаните да ја намалат употребата на материјалите кои стануваат отпад со посебен акцент на пластиката, ќесите и другите работи за кои треба повеќе време да се уништат или да се распаднат. Во втората фаза на повторна употреба, многу подобро е работите кои се користени еднаш да се користат и вторпат, било да се пластика или најлон или други работи. И рециклирањето е третата фаза – наместо да фрлаш треба да рециклираш“.
За подигање на свеста кај граѓаните, се свесни и надлежните. Тие ќе мора во детали да им објаснат дека предвидените 8 регионални депонии ќе бидат безбедни за нив и за животната средина. Зашто една таква регионална депонија со референдум ја одбија жителите на Дебарца-општина каде беше предвидено да се изгради современа депонија за југозападниот регион.
Напишете коментар