„Ако луѓето ја виделе рамковната позиција на бугарската влада од 2019-2020 г., јасно пишува дека тие нема да прифатат ништо повеќе од ’официјален јазик на Република Северна Македонија’. Прочитајте ја. Таа беше нивната позиција. Официјален јазик, за ’македонски’ нема збор во таа реченица. После отидоа како црвена линија ’македонски јазик согласно Уставот’. Ние извојувавме ситуација Европската Унија да признае формулација без ниту една додавка“, вели потпретседателот на ДУИ и ексминистер за надворешни работи Бујар Османи

360°: За пристапниот процес на Македонија кон ЕУ – тој е на истото место на кое го оставивте кога заминавте од владата…
Османи: Па, на полошо место, би рекол.
360°: Тоа што е направено 2022 г. оваа влада не го прифаќа и вели дека тогаш мораше да нѐ внесат во консултативниот процес, да нѐ консултираат, да нѐ прашаат…
Османи: Видете, јас не мислам дека таму има воопшто волја да се реши овој процес. Јас мислам дека во 2022 г. ние бевме во многу поповолна ситуација бидејќи позади тој договор што го направивме стоеја најголемите сили – стоеше САД, стоеше Франција, стоеше Германија. Ние бевме претседавачи на ОБСЕ, почнавме стратешки дијалог со САД, бевме регионалната ѕвезда. Бугарија не беше… беше во постојани кризи со седум-осум избори. И наместо тогаш да се реши таа ситуација, ние се доведовме во ситуација денеска Бугарија да е влезена во Шенген, да е влезена во Еврозона, да има нов стратешки договор со САД, да има стабилна политичка власт и сега да преговараме со една многу поинаква Бугарија.
360°: Позицијата на актуелната влада е дека тој пакет документи од 2022 г. ги доведува под ризик, под знак прашалник идентитетот, историјата, па дури и јазикот на етничките Македонци.
Османи: Не е така. Прво, најголемата победа од тие преговори беше што прашањето на јазикот се стави ад акта, дури подобро и од Договорот за добрососедство и од Договорот од ’99-та година.
360°: Има луѓе коишто дури и Вам Ви биле советници, коишто тврдат дека тоа прашање не е затворено и дека кога ќе се отвори Поглавјето 34, тогаш финално ќе треба да се затвори прашањето на јазикот.
Османи: Апсолутно не е така. Го ценам тој што тоа го кажува, но апсолутно не е така. Значи, Поглавјето 34 се институции во коишто само е „лејбелинг“ (labelling). Тоа што е договорено се пренесува во официјална номенклатура на Европската Унија. Значи, тоа не е никаков механизам којшто може да смени. Значи, тоа е пропаганда. Не велам дека е свесна, можеби е неразбирање од тој што тоа го кажал.
360°: Неговата теза е дека Бугарија има деклариран став со унилатералните изјави коишто ги дава цело време и дека може повторно да му се врати на прашањето…
Османи: Ако луѓето ја виделе рамковната позиција на бугарската влада од 2019-2020 г., јасно пишува дека тие нема да прифатат ништо повеќе од ’официјален јазик на Република Северна Македонија’. Прочитајте ја. Таа беше нивната позиција. Официјален јазик, за ’македонски’ нема збор во таа реченица. После отидоа како црвена линија ’македонски јазик согласно Уставот’. Ние извојувавме ситуација Европската Унија да признае формулација без ниту една додавка. И сега некој тоа да го прави како… да го земе здраво за готово, демек така било лесно тоа. Е, не било лесно тоа. Бидејќи тоа беше 80% од преговорите со Бугарија. Затоа што ние сите карти ги ставивме на најважното прашање. Но, нешто кога ќе добиете, знаете… и ќе го добие некој друг, тоа е како имот од родителите. Мислите дека така лесно тоа дошло, па ајде сега ќе најдеме мани на останатиот дел од процесот. Но и во останатиот не можат да најдат мани. Бидејќи јасно е, иако имало компромиси во тој процес, се разбира дека не било 100% како што сме сакале ние, но во клучните столбови, францускиот предлог е решение коешто ја поништи рамковната позиција. Го изпреврти бугарскиот парламент на еден ден пред распуштање. Тоа луѓето го забораваат. Тоа не го направи Бујар Османи, тоа го направија Американците, Французите и Германците. На ден пред распуштање на Народното собрание, се собра бугарскиот парламент, ја поништи таа декларација и таа позиција и го прифати францускиот предлог, во којшто се разбира и тие добија некоја предвидливост којашто ја добија со Договорот за добрососедство. Ништо не добија понатаму во процесот. Сè што тие бараа го добија во Договорот за добрососедство.
360°: Гледате ли некаква шанса за пробив сега по изјавите на премиерот, по неговите средби со германскиот канцелар и со францускиот претседател во Тиват?
Османи: Видете, јас мислам дека сите овие обиди коишто се океј, добро е што се прават – ние сме тие што губиме. Со сето ова одложување – ние губиме, не Бугарите. Може да Ви дамам еден пример, еден „трејлер“ (trailer), едно временско патување – кој е епилогот од одложувањето. Пописот на словенското население во Албанија: 2011 година, сите запишани Македонци, 5 500. Пописот 2023 г., за колку години е тоа, 12 години – 7 000 Бугари, 2 300 Македонци. Ова е трејлер, на тоа што ќе се случи надвор од Европската Унија со бугарски пасоши. 5 500 стануваат 2 300 и одеднаш 7 000 Бугари. Ние имаме еден процес во којшто треба да бираме: дали овој нашиот контролиран пат преку Преговарачката рамка, каде во сè имаме ние механизми за контрола – да застанеме кога сакаме, да го прекинеме процесот кога сакаме, да постигнеме кога сакаме – или овој хаосот со пасошите во којшто нема правила на игра, нема контрола на системот, секој сам на своја глава, и ќе го добиеме епилогот на крај од тоа што го гледаме веќе во Албанија како еден микрокосмос. Така што, океј, прават обиди, меѓутоа ние влегуваме во сè понеповолна ситуација. Бугарија станува сè појака, еве видовте дебатата со Американците – можете да ги оставите авионите, не можете – станува една друга Бугарија сега, бидејќи времето работи за нив. Ние стануваме сè послаби.
360°: Што е Вашата анализа? За Црна Гора како да станува извесно дека се движи кон полноправно членство. Се разбира има уште отворени прашања на тој пат, француските избори догодина, ќе успее ли пристапниот договор за Црна Гора да помине во Франција бидејќи мора да биде ратификуван во сите земји членки. Хрватска како соседна земја има некои барања кон Црна Гора… не е без пречки и тој пат, но Антонио Кошта вели: на Црна Гора гледаме како на 28. земја членка и тоа во 2028 година. Некако како да има резерви кон Албанија, таа заостанува делумно зад Црна Гора во пристапниот процес, но дали ја има енергијата и за Албанија како за Црна Гора?
Османи: Кратко. Европската Унија не е родена како економски проект, туку како мировен проект, за да ги контролира Германија и Франција да не војуваат. Така почнало тоа. Меѓутоа со тек на време, како се забораваат причините, почнува инерција, се јавува финансиската криза 2008 г., миграционата криза, се губи ентузијазмот и стопира процесот. Кога Русија ја напаѓа Украина, веднаш ги враќа причините како е создадена Европската Унија. И сега ние имаме еден целосно нов момент на проширувањето. И затоа имаме ваква ситуација во којашто Црна Гора веќе јас мислам дека влегува 100%. Албанија мислам дека влегува 2030 година и тука некаде завршува процесот.
360°: Украина, Молдавија…
Османи: Тие денеска ги отвораат првите кластери, еве можеби како што ние сега зборуваме, тие веќе ги имаат отворено денеска и Молдавија и Украина. Значи и Украина и Молдавија влегоа во процесот, а ние уште мислиме дека некој ќе дојде ќе ни го реши прашањето. Зборувам со луѓе коишто работат, ја советуваат украинската влада, нели имаме наши луѓе коишто работат таму. Украина меѓу две битки прави реформи за членство во Европската Унија.
360°: Ама фер ли е тоа? Тоа нели ги покажува сепак и двојните стандарди на ЕУ? Почнува преговори со земја којашто не контролира значаен дел од својата територија, а Македонија, која е кандидат од 2005 година, ги нема отворено пристапните…
Османи: Јас ги прашувам овие наши луѓе коишто ја советуваат украинската влада. Велат, во Украина поинакво е разбирањето за Европската Унија. Тие не очекуваат дека Европската Унија ќе ги земе нив. Прават сè што е во нивна моќ да ја натераат Европската Унија да ги земе. Па дури користејќи го и аргументот дека „ние сме најмоќната армија во Европа“ којашто е со директна пракса од последните четири години. Значи, нема механизам што не го искористуваат за да ја натераат Унијата да ги прими. Ние сме како разгалено дете коешто чека да дојде Европската Унија да ни каже: „дечки, да бе, вие сте во право, ајде да видиме како ќе ни покажете како функционира меѓународната политика“. Нас ни се брза. Ние слабееме. Отвораме нови конфликти со Албанците, нови со Грците. Знам каква е ситуацијата во Грција бидејќи комуницирам и со нив.
360°: Мислите за Преспа?
Османи: За Преспа. Значи, буквално луѓето велат, тие што се во министерствата, дека ги држат политичарите да не зборуваат, бидејќи и на нив им е до линија од којашто сакаат веќе да излегуваат јавно да зборуваат. И сега отворате нови конфликти со што ги слабеете позициите, а Бугарија од друга страна сè повеќе зајакнува и зајакнува во сите процеси. Нема организација – еве сега и во OECD ќе влегуваат – којашто е веќе врвот на некое членство на земјите со среден и богат развој. Ние паѓаме сè повеќе во подредена позиција уште зборувајќи за протоколот 2, протоколот 1.
