„Дали токму со парите на земјоделците си купивте визи во Дубаи, станови по скапи комплекси низ Скопје?“, прашуваат од владејачката партија
Оттаму велат дека по заминувањето на претходната власт останале неисплатени субвенции за периодот од 2020 до 2023 година, додека актуелната Влада исплатила 350 милиони денари за заостанати плати во ЈП Национални шуми и АД Водостопанство, како и близу четири милијарди денари за обврски во периодот од 27 јули до 31 декември 2024 година
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија критики до лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, обвинувајќи го дека шири паника меѓу земјоделците и избегнува да одговори на прашањата поврзани со неисплатените субвенции од периодот кога неговата партија беше на власт.

Оттаму тврдат дека по заминувањето на претходната власт останале неисплатени субвенции за периодот од 2020 до 2023 година и побараа од Филипче да објасни каде завршиле средствата наменети за земјоделците.
„Филипче без тронка срам одиш и ги лажеш граѓаните, но има еден голем проблем, никој не ти верува. Да те потсетиме дека кога заминавте од власт, оставивте долгови, неисплатени субвенции за 2020, 2021, 2022 и 2023 година. Можеби дојде време да одговорите на земјоделците каде тие пари завршија. Дали токму со парите на земјоделците си купивте визи во Дубаи, станови по скапи комплекси низ Скопје?“,
се вели во партиското соопштение.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека актуелната Влада, од преземањето на власта, исплатила 350 милиони денари за заостанати плати во ЈП Национални шуми и АД Водостопанство, како и близу четири милијарди денари за обврски во периодот од 27 јули до 31 декември 2024 година.
„Од 27 јули 2024 година до денес се исплатени близу 14 милијарди денари за заостанати и тековни обврски“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го повикаа Филипче да одговори и на прашањата поврзани со измените во Законот за вино, односно за дополнителните осум проценти кои, им се одбиваат на лозарите, како и за методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје.
„Филипче наместо да дигаш паника меѓу земјоделците, одговори им зошто во ваше време се вметна во законот за вино дополнителни 8 отсто, кои винариите им ги кратат на лозарите. Одговори на лозарите зошто не ја изготвивте методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје, туку Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја донесе за 18 дена. Не ви поминуваат лагите, прочитани сте, подгответе се за длабока опозиција“,
се додава во реакцијата.
Партијата оценува дека резултатите во земјоделството се веќе видливи и дека земјоделците имаат партнер во актуелната Влада, за разлика од периодот кога со државата управуваше СДСМ.
Филипче денеска беше во посета на Општина Карбинци, а по средбите со земјоделците изјави дека нема дел од земјоделството во кој нема проблем.
Според него, во системот има колапс каков што во државата немало во изминатите 30 и повеќе години. Рече дека има тотална негрижа од Владата за сите проблеми со кои земјоделците се соочуваат.
„Прво, зголемени трошоци за производство, цени на ѓубриво, на вода, на работна рака, неисчистени канали, земјата нема од каде да се наводнува, а има систем што е поставен и што е поврзан со системот на езерото Калиманци. Понатаму, немање доволна сума пари за субвенции. Вкупната сума за субвенции е намалена за 40 милиони евра, освен што е намалена не се исплаќаат, субвенциите доцнат. И тоа важи исто така за секој сектор во земјоделието како за производство на тутун, како за сточарите, млекопроизводителите, производителите на ориз“,
изјави тој од Карбинци.
И годинава, како што посочи, ќе се повтори истата состојба со лозарите како лани, за кои рече дека едвај врзуваат крај со крај.
