На 800 метри надморска височина, под падините на планината Јабланица, е сместено селото Октиси. Помеѓу Вевчани и селото Виш, околината на Октиси изобилува со бука, даб, див костен и бор. Населението, она малку што останало, најмногу се занимава со градежништво, а има и повеќе столарски работилници.

Мештаните не се многу расположени да зборуваат пред камера за сечата на шумата, освен оние неколкумина кои се жалат дека таа претставуваа голем проблем. Еден од нив е Амди Цаноски, кој тврди дека веќе има оштетување на цевките од каптажата која го снабдува селото со вода.

„Овде е водата за Октиси и овде е најоштетено, а кажаа и дека имало прекин на вода. Од камионите со дрва од овде врват. Тука се главните вентили за пуштање и затворање и од овде надолу направо ливадава оди долу кај местото Беличка Река каде што имаме и викенд-куќи. Патот што оди одма позади ова брдо се вика местото Оџови Кутли и таму е приватно земјиште. Сега моментално е сечено и од приватното и од државното“,
изјави Амди Цаноски, жител на селото Октиси.

Цаноски тврди дека дел од имотот каде што поминува механизацијата е негов и не крие дека ја попречува работата на сечачите. Лут е што тој не смее да сече дрва на сопствениот имот, туку треба да ги ангажира „Национални шуми“.
„Во својава шума не можам да си пресечам дрва за дома за огрев, зимава да ја поминам. Треба да викам од ‘Македонски шуми’ да ми маркираат и да им платам 5 евра од кубик. За што, за моја шума? А тој да си дојде да си шара со камиони за него е дозволено. За нас не е дозволено затоа што тој од Велешта имал пари да земе тендер. Па и ние имаме, не ти требаат 2 милиони евра за тендер да земеш. Ќе го земеш тендерот и ќе извадиш и за тебе и за државата. Се оголува Октиси, немаме ние голем терен на шума“
додава Цаноски.

Цаноски признава дека шумата се соголува и од соселаните кои сечат на диво, но не ги осудува.
„Дрвокрадци не можеш да ги наречеш, тоа е борба за живот. Се трудат да земат некој денар, немаат работа, невработени, се труди да земе некој денар“,
дополнува Цаноски.

Патот по кој возевме заврши кај викендиците за кои нашиот соговорник тврди дека се многу блиску до изворот.
„Местото се вика Чинар и е во сопственост на село Октиси и од тука земаме вода. А исто на самото место се шара и шумата, значи сечата сега што се шара е кај Чинарот. Блиску е на 200-300 метри, ете 500 нека е, ама и тие ќе се ишараат за да се дојде до Чинарот“,
вели Цаноски.
Иако најавениот протест во Октиси не се одржа, проблемите како што ни објаснија од месната заедница, веќе ги адресирале до ЈП „Национални шуми.“ Но, раководителот на подружницата на државната компанија во Струга, Васил Радиноски, уверува дека сечата се прави плански согласно годишната програма за работа која е одобрена од Владата.

„Во периодот како што се вели пред 3-4 месеци ние сме вршеле пустошење и сечење на шумата, ние не сме ја вршеле таа работа. Тоа се инсинуации можам да речам зашто ние во тој период немавме никакви договори склучено во тој дел. Едниот договор за одделението 73 е склучен на 12 јуни значи сега, а за претходниот оддел 72а е склучен на 15 мај. Со истата фирма“,
објаснува Васил Радиноски, раководител на ПСШ „Јабланица“-Струга, ЈП „Национални шуми“.

Фирмата која сече на терен била избрана на тендер како најповолен понудувач, а ниту една од двете локации не е во близина на изворот што го посочуваат жителите, тврди Радиноски.
„Најодговорно тврдам никаде нема извори во тој дел каде што ние ќе работиме, а изворот каде што се кажува дека наводно ќе бил упропастен од наша страна е на оддалеченост од 600-700 метри од најдолната точка каде ние ќе вршиме сеча. – Има ли гаранција дека нема се уништи изворот? – Да и не е на истиот пат, не е иста вододелница, значи на спротивна падина е од изворот. А ние во догледно време на тие 30 хектари никогаш нема да сечеме таму, на таа површина, никогаш“,
додава Радиноски.

За да се увериме дали е така, екипа на претпријатието нѐ одведе до местата каде што почнале да сечат. Нивните возила не се движат низ Октиси, туку по друга патека. На одредени места каде што патот минува низ приватни парцели, паралелно правеле нов пат низ предел кој се нарекува краста. Третиот пат по кој може да се дојде до местото на сечата е низ Вевчани.
По неполн час возење, стигнавме на едно од местата, каде што дел од дрвата веќе беа исечени, но трупците оставени.

Од претпријатието објаснуваат дека не работат секој ден на терен, но до крајот на годината треба да ја исполнат програмата за работа. На втората локација веќе се исечени околу 30 кубни метри дрва, а предвидено е сечење на уште 1 200 кубни метри.
„Бидејќи дабот е светлољубив вид за негова обнова не треба сенка, затоа се стопанисува дабот со голосечно стопанисување со чиста сеча на цела површина за да имаме побргу обнова, односно да потера самата регенерација од коренот да излезе, да се добие побрза обнова. – Ова се стари дрва?- Па некаде по мерењето имаат 60-70 години“,
вели Жарко Бебекоски, шеф на ШСЕ „Јабланица-Ќафасан“, ЈП „Национални шуми“

Во непосредна близина на сечата немаше извор, а поради густата шума на локацијата е тешко тој да се лоцира на мапа за независно да се увериме – колку блиску или далеку е изворот од местото на сеча. Како и да е, проблем постои за кој мештаните и Национални шуми веќе имале неколку средби, но засега не успеваат да најдат заеднички јазик.

Претпријатието бара прекин на опструкциите, за да нема потреба од полициска асистенција при секое одење на терен. Дел од жителите бараат раскинување на тендерот со ангажираната фирма, па и прогласување на Јабланица за национален парк, со што сметаат дека ќе се стави на крај на слични проблеми.