Новото лого е изработено врз прецизна геометриска структура, а колорниот систем е составен од темносина и златна боја, кои симболизираат доверба, професионалност, институционална стабилност, достоинство и авторитет
Во централниот дел на логото е поставен меч, кој го претставува Јавното обвинителство како носечки столб на обвинителската организација. Од двете страни на мечот се наоѓаат тасовите на вагата, кои ја симболизираат улогата на вишите јавни обвинителства. Логото содржи и 23 ѕвезди кои ја претставуваат мрежата на основните јавни обвинителства. Централно е поставена ѕвезда што го симболизира Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска го претстави новото лого на институцијата, усвоено од Колегиумот на републичкото обвинителство, а кое има за цел преку единствен визуелен симбол да ја претстави целокупната обвинителска организација, нејзината структура и мисија.

Новото лого е изработено врз прецизна геометриска структура со цел да обезбеди визуелна рамнотежа, стабилност и препознатливост. Колорниот систем е составен од темно сина и златна боја, кои симболизираат доверба, професионалност, институционална стабилност, достоинство и авторитет.
Во централниот дел на логото е поставен меч, кој го претставува Јавното обвинителство како носечки столб на обвинителската организација и гарант на нејзиното координирано функционирање. Мечот е насочен нагоре и симболизира будност, одлучност и подготвеност за заштита на законитоста, јавниот интерес и владеењето на правото.
Од двете страни на мечот се наоѓаат тасовите на вагата – универзален симбол на правдата, непристрасноста и еднаквата примена на законот. Врвките што ги поврзуваат тасовите ја симболизираат улогата на вишите јавни обвинителства како врска меѓу различните нивоа на обвинителскиот систем.
Логото содржи и 23 ѕвезди кои ја претставуваат мрежата на основните јавни обвинителства во државата.
Во централна позиција е поставена ѕвезда што го симболизира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), при што нејзината големина е идентична со останатите, нагласувајќи ја еднаквата важност на сите обвинителства во системот.
Од Обвинителството велат дека новиот симбол во целина потсетува на европските обележја и ги отсликува заложбите на институцијата за достигнување на европските стандарди во владеењето на правото.
Новото лого беше претставено на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“, организирана во Скопје во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
