Изградбата на спомен – обележје на вечното почивалиште на Тоше Проески е еден од проектите во културата за кои Владата денеска одлучи да одвои пари. Засега, не е објавено колку точно средства ќе се одвојат за конкретниот проект, туку само колку вкупно средства се одвоени за целата програма за капитални инвестиции во културата во општините.
„Програмата е со буџет од 117,5 милиони денари (1,9 милиони евра), и, меѓу другото, ќе бидат алоцирани во проектите како што се Реконструкција со доградба и надградба на конгресен центар Универзална сала – Скопје, Изградба на Спомен обележјето на Тоше Проески, изградба на дом на култура во Општина Боговиње, реконструкција и адаптација на културен „Шота“ с. Неготино, Општина Врапчиште, за Ентериерно уредување на објект „Кино Манаки“ – Битола, и други капитални проекти во културата во единиците на локалната самоуправа“,
се вели во соопштението од 145 седница на Владата на РСМ.
Како што објави „360 Степени“, општина Крушево веќе избра идејно решение за уредување на гробот на Тоше Проески, но се чекаше на поддршка од Владата.
Проценките се дека изградбата ќе чини околу 150 илјади евра. Иако беше најавувано, минатата година не започна изградбата на спомен-обележјето поради комплицираната бирократска процедура за пренос на ингеренциите од централната на локалната власт.

Додека трае процедурата на префрлување на парите, гробот на Тоше и натаму е во истата состојба – ограден со пластика и поплочен со бекатонски коцки што пропаѓаат. Оваа приказна „360 Степени“ ја раскажа пред околу две години (16.5.2017 г.) во пресрет на десетгодишнината од неговата смрт (16.10.2007 г.). Во продолжение погледнете ја репортажата.