„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, вели поранешниот претседател на државата во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Ако на власта не ѝ оди добро, како што велите, тогаш зошто рејтинзите се сè уште во нејзина полза?
Пендаровски: Затоа што опозицијата не е консолидирана. Нема никаква дилема околу тоа. Значи, внимавајте, сите бројки ви кажуваат, вклучително и последните локални избори, дека ВМРО-ДПМНЕ за најкус временски период изгуби најмногу гласови во историјата на парламентарни победници во Македонија.
360°: Но, повторно имаше историски резултат на локалните.
Пендаровски: Само затоа што на другата страна, за жал, опозицијата сè уште се нема, зборувам за целата опозиција, опоравено од изборниот пораз и е еден процес, да бидеме реални, кој не почна 2024 г. туку трае пет-шест години наназад по тешките политички одлуки – северна, СЈО итн.
360°: Вие имавте изјави дека СДСМ не го користи тоа што ВМРО-ДПМНЕ лошо владее. Според вас, дали Венко Филипче е вистинскиот човек за, како што вие ја нарекувате, консолидација на опозицијата?
Пендаровски: Не можам да знам затоа што тоа е… Сепак, не би сакал да им давам совети на луѓе во друга политичка партија кои си имаат свои процедури и органи за решавање. Мислам дека следниве парламентарни избори ќе бидат дефинитивен лакмус дали СДСМ конечно е консолидирана бидејќи гледам дека Филипче најавува голема коалиција, омасовување на опозицискиот блок.
360°: Вие го поддржувате ли тоа?
Пендаровски: Апсолутно, апсолутно. Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини. Значи, не затоа што е ВМРО многу добра…
360°: А што се главните причини поради кои СДСМ не е консолидирана?
Пендаровски: Внатрешно, изминативе две години не можам да знам бидејќи не сум веќе инсајдер во таа поголема политичка структура. Порано како претседател бев упатен во тоа што се случува повеќе, иако не сум член на таа политичка партија. Значи, ви кажав, имаше СДСМ една серија во нејзино време – од преименување на државата до падот на СЈО, имаше тешки одлуки и афери кои се одразија. Немојте да заборавите дека прифаќањето на европската преговарачка рамка исто се одрази, меѓу другото, и на мојот личен рејтинг. Оној момент кога реков дека тоа е во овој момент најдоброто нешто што може да го добиеме, веќе наредниот ден јас имав ‘изедено’ 10-15% од личниот рејтинг. Значи, тука имаше причини зошто е тоа така. Во изминативе две години слушам дека се прави обнова на локално ниво по општински организации, доаѓаат нови луѓе на чело, меѓутоа на крајот ќе се види тоа на избори.
360°: Кога се зборува за иднината на СДСМ, се спомнува и вашето име. Вие и преку вакви настапи сте политички активен, но од позиција на ексшеф на државата. Има ли амбиција кај вас за реактивирање во политиката?
Пендаровски: Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа.
360°: Ова малку зихерашки звучи – би се активирал ако има шанса да го победиме ВМРО.
Пендаровски: Значи, јас ви велам – јас сам не можам да го победам ВМРО-ДПМНЕ. Никој сам не може да победи владејачка партија. Мора да направите организациска структура и политички субјекти налик на она што беше во 2016 г. во декемвриските избори – значи кога Заев ја предводеше таа коалиција во која имаше невладини, граѓански здруженија, политички партии мали, големи, какви било, помали етнички заедници. Инаку, јас многу би сакал да можам самиот да победам која било владејачка партија, ама не сум толку моќен. Никој не е моќен.
360°: Би се вратиле со каква улога?
Пендаровски: Да придонесам, да бидам дел од една таква коалиција, се разбира.
360°: Имате ли амбиција да бидете лидер на СДСМ?
Пендаровски: Не, не, не – никогаш, затоа што јас сум бил активен политички околу 20 години, секогаш со таа страна од политичката поделба, да ја наречеме, или во тој блок и тоа никогаш не сум го користел.

360°: Се појавија шпекулации, медиумски наводи, дека размислувате да формирате партија. Има ли нешто такво?
Пендаровски: Тоа се традиционални стандардни спинови на владејачката партија – тие не доаѓаат од СДСМ, доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.
360°: Тие беа последица на дел од вашите критики за тоа дека СДСМ не успева да го капитализира лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Пендаровски: Па, еве и сега, после овој дел од нашиот разговор, може да излезат, веројатно ќе излезат – овој стварно мисли дека треба да се направи политичка партија и на таков начин да се враќа во политика.
360°: Темата за ЕУ ја спомнуваме неколкупати. Кога вие би биле лидер на СДСМ во овој момент, дали на ваков начин би ја форсирале темата за уставните измени и за европската перспектива на државата?
Пендаровски: Не, не. Знаете – два-три дена пред локалните избори, пред кампањата за локални минатата година, СДСМ се обиде да поднесе, не знам дали формално поднесе во Собранието, резолуција за црвените линии во однос на тој спор. Ја реобнови својата стара иницијатива. Јас му пратив порака на Филипче дека пред локални избори тоа не е добар потег бидејќи владејачката партија одвај го чека тоа и ќе го злоупотреби. Значи, прашањето на Бугари во Устав, ви реков на почетокот – е едно од двете прашања кои ВМРО и денес обилно ги користи и добива политички поени. Тоа не е добро за државата, меѓутоа тие како партија профитираат. И му реков, не би требало, бидејќи таму се сосема други прашањата – локална агенда, комунални проблеми, не Бугари во Устав. Значи, и тогаш и сега мислам: во политиката добро е да имаш став, добро е да имаш јасен став. Најдобро е да не го менуваш тој став како што ќе дува ветерот. Добро е, одлично е што СДСМ го има тој став. Јас го поддржувам. Сум го поддржувал и пред три-четири години. Меѓутоа, во политиката, практична, правило број еден е: ги зборуваш и ги форсираш оние прашања што ти носат поени, не оние на кои губиш. За жал, поради таа пропаганда која ја направи ВМРО, четири-пет години ја правеше наназад, денеска македонскиот народ мисли дека тоа е реално загрозување за нашиот идентитет. И во тие, каде што јас сум за тоа, ајде да дебатираме зошто тоа не е така како што ти го претставуваш пред народот, меѓутоа не можеш да го форсираш тоа секој ден бидејќи не носи поени.
360°: Значи, го сметате за нецелисходно?
Пендаровски: Што носи поени? Поени носи криминал, корупција, афери, некапацитетност на клучни кадри во државата – тоа носи поени бидејќи тоа е на очиглед пред сите, го гледаме дека има луѓе кои…
360°: Можеби и економија и животен стандард?
Пендаровски: Апсолутно, апсолутно.
360°: Значи го сметате за нецелисходен овој пристап во којшто секој ден се држат пресови?
Пендаровски: Па, не е продуктивно, не е продуктивно во политичка смисла. Не е продуктивно за политичкиот субјект кој го претставуваш.
