Како што пренесува Ројтерс, фјучерсите за суровата нафта од типот „брент“, глобалниот репер за нафта, пораснаа за 2,36 американски долари, или за 2,5 отсто, и во 7:30 часот според средноевропско време изнесуваат 98,50 долари за барел
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека преговорите за договор со Иран би можеле да потраат, како што рече, неколку дена, намалувајќи ги со тоа надежите за скорешен крај на војната
Цената на суровата нафта од типот „брент“ утрово порасна за повеќе од два отсто по нападите што американските сили ги извршија врз цели во јужен Иран, што фрли нова сенка на неизвесност околу можноста за постигнување договор за крај на војната и отворање на Ормускиот Теснец – ситуација што повторно директно се рефлектира на светските пазари.

Како што пренесува Ројтерс, фјучерсите за суровата нафта од типот „брент“, глобалниот репер за нафта, пораснаа за 2,36 американски долари, или за 2,5 отсто, и во 7:30 часот според средноевропско време изнесуваат 98,50 долари за барел. Новиот пораст доаѓа по релативното смирување на цените на нафтата за околу седум отсто во споредба со претходните движења.
Американската сурова нафта од типот „Вест Тексас интермидиејт“ (West Texas Intermediate) се продава по цена од 91,95 долари за барел, што е малку повисоко од последната тргувана цена во текот на вчерашниот ден, но е за 4,65 долари или 4,8 отсто пониска во споредба со цената по затворањето на берзите во петокот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека преговорите за договор со Иран би можеле да потраат, како што рече, неколку дена, намалувајќи ги со тоа надежите за скорешен крај на војната, еден ден откако американските сили спроведоа, како што ги нарече Вашингтон, одбранбени напади врз цели во Јужен Иран.
За потсетување, Техеран од почетокот на војната ефикасно го запре речиси целиот транспрот во и од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец, стратешки морски пат преку кој минуваат речиси една петтина од светската нафта и течен природен гас.
Новите напади на САД дојдоа во период кога главниот ирански преговарач и министерот за надворешни работи на земјата вчера беа во Доха на разговори со катарскиот премиер во врска со потенцијален договор со САД за прекин на тримесечната војна.
И Вашингтон и Техеран изјавија дека постигнале напредок околу меморандумот за разбирање што би ја запрел војната и би им дал на преговарачите 60 дена за да постигнат конечен договор.
„Никеи“, повикувајќи се на дипломатски извор од Блискиот Исток, објави дека Иран се согласил да го деминира Ормускиот Теснец во рок од 30 дена според договорот, по што бродовите од сите земји би можеле да пловат слободно и безбедно. Дополнително Техеран, како што се наведува, би ја прекинал и наплатата на такси што ја воведе за транзит на бродовите преку теснецот.
„Трговците силно се обложуваат дека пробивот (во преговирите) конечно ќе ги ослободи долго парализираните танкери заглавени во и околу Ормускиот Теснец“,
вели Тим Вотерер, главен аналитичар во „Кеј-си-ем трејд“ (KCM Trade), пренесе Ројтерс.
Инаку, како што наведува новинската агенција, податоците од следењето на бродовите покажуваат дека три танкери со течен природен гас поминале низ Ормускиот Теснец во последните денови, упатувајќи се кон Пакистан, Кина и Индија. Заедно со нив поминал и супертанкер што носел ирачка сурова нафта кон Кина, а кој бил заглавен во заливот речиси три месеци.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го повтори своето барање до Иран да ги предаде залихите високозбогатен ураниум за да бидат уништени.
„Ова е остар потсетник дека договорот сè уште може да пропадне во последен момент, слично како и петте претходни обиди пред него“,
вели Тони Сикамор, аналитичар на пазарот во „Ај-џи“ (IG).
