Според мерењата на УХМР, во 14 часот најниската температура од 10 Целзиусови степени е измерена на Попова Шапка, а највисоката, 27 степени, била во Гевгелија

Невреме со силен пороен дожд и засилен ветер попладнево го зафати главниот град.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека распространета нестабилна облачна маса од североисток со правец на движење кон југозапад ја зафати Скопската Котлина и има поинтензивни процеси со пороен дожд, појава на ретки грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на суградица.
Освен во Скопје, од УХМР велат дека според радарска слика врнежи од дожд има претежно во планинските региони, а пороен дожд е регистриран и во околината на Велес, Пробиштип, Свети Николе и во Валандовско.
Според мерењата на УХМР, во 14 часот најниската температура од 10 Целзиусови степени е измерена на Попова Шапка, а највисоката, 27 степени, била во Гевгелија.
Нестабилното време со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме ќе се задржи во текот на целиот викенд, а од понеделник ќе продолжи нестабилноста со изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Краткотрајна временска стабилизација се очекува во вторник и во среда кога времето ќе биде претежно сончево и релативно топло, додека в четврток повторно се најавува промена на временските прилики и нови врнежи.
