Протестот ќе започне во 18 часот, а ќе му претходат собири на четири различни локации од кои колоните ќе се слеат во една
Неформалната група „Студенти во блокада“ денеска организира голем собир на белградскиот плоштад Славија, на кој своето присуство го најавија академици, активисти и бројни граѓани од сите делови на Србија. Централниот протест е закажан за периодот од 18:00 до 20:00 часот, но нему ќе му претходат масовни собири на четири клучни локации во главниот град, од каде што колоните демонстранти ќе се упатат кон Славија.

Според планот на организаторите, граѓаните од 13:00 до 16:00 часот ќе се собираат пред Земјоделскиот факултет во Земун, а останатите три собири се закажани од 14:00 до 17:00 часот на Плоштадот на Републиката, кај Автокоманда и пред Правниот факултет. Студентите преку своите канали за комуникација информираат дека кон Белград веќе се упатени колони возила од сите краишта на државата.
„Локалните собири на граѓани се самоорганизираат и преку заеднички пешачки маршови навираат кон нашите штандови, а подготвени се и моторџиите. Сè се покрена“,
велат тие.
Според одредени српски аналитичари, денешниот протест би можел да има поинаков карактер од претходните големи собири бидејќи очекувањата се дека настанот ќе има појасен фокус, подефинирани пораки и ќе даде конкретно навестување за насоките во кои би можело да се движи студентското движење во наредните месеци.
Присуство на денешниот протест потврдија од Зелено-левиот фронт, од каде што неодамна најавија дека ќе поддржат самостојна студентска листа доколку изборите се одржат во јуни или јули. Лидерот на Движењето на слободни граѓани (ДСГ), Павле Грбовиќ, најави лично присуство, оставајќи им на членовите на партијата сами да одлучат дали сакаат да дојдат, додека претседателот на Националното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, порача дека неговата партија го поддржува секој протест против режимот.
Белградските студенти досега во повеќе наврати организираа протести на плоштадот Славија, а минатогодишниот собир, кој се одржа на 15 март, се смета за најмасовниот протест некогаш организиран во Србија до тој момент.
