Откако било утврдено дека еднобојните униформи за специјалната полиција го немаат квалитетот што се барал според јавната набавка, министерот за внатрешни работи вели дека рамковната спогодба со фирмата задолжена за тоа („Памитекс тим“, н.з.) ќе биде раскината и ќе се активира банкарската гаранција. Спогодбата можеше да достигне 1,7 милиони евра

360°: Во еден период беше актуелен случајот со двете рамковни спогодби што МВР ги склучи за набавка на униформи на специјалната полиција. Рамковните спогодби ги добија едно битолско женско модно студио и една штотуку формирана фирма со сопственик од Србија. Од писмените одговори што деновиве ги добивме од Министерството за внатрешни работи на прашањата дали се нарачани униформи и што е испорачано, ни одговоривте дека од битолското женско модно студио се пристигнати униформи, а дека за фирмата со српски сопственик се чекаат резултати од суперанализа на квалитетот. Но, сега кога ќе се видат датумите што вие ни ги доставивте на нарачка и на достава од битлското студио, лесно може да се заклучи дека бил пробиен рокот на достава наведен во договорот, којшто е 90 дена.
Тошковски: Не, согласно информации коишто ги имам, не би можел да се сложам дека е пробиен рок.
360°: Од датумите што ни ги имате доставено, пишува дека нарачките се правени во септември, а дека испораката на униформите се случила во април. А рокот на достава, според тоа што го пишува во договорот, е 90 дена.
Тошковски: Согласно она коешто го имам како информација, а тоа е следното: рокот за достава на квалитетниот материјал којшто требало да биде доставен во форма на униформи е испочитуван согласно оние пролонгирања на рокот коишто се дадени во рамки на закон и во рамки на договорот од страна на една од компаниите. И таа компанија достави униформа којашто била барана согласно правилник, стандард и квалитет.
360°: Вие и самиот велите дека имало пролонгирање на рок. Какво пролонгирање на рок?
Тошковски: Како што сум информиран, од страна на една од компаниите е доставена бараната униформа во количини и во квалитет согласно оние стандарди коишто биле побарани во рамки на оние законски дозволени рокови коишто можеле да бидат доставени предметните униформи од едната компанија согласно квалитет и согласно она коешто било барано во рамки на тендерска документација.
360°: Ако е во септември нарачката, а стигнале во април, два пати по 90 дена се поминати.
Тошковски: Видете, јас сега ниту го имам пред мене одговорот којшто ви е доставен вам од страна на Министерството, ниту, пак, е било што спорно во рамки на она коешто вам ви е доставено како одговор и она коешто е преземено од страна на Министерството за внатрешни работи. Од страна на службите сум информиран дека едната компанија постапила согласно она коешто било задолжение во рамки на договорот и испорачала она што требало да испорача, и денес македонските полицајци имаат дел од униформата којашто требаше да ја набавиме, односно знам за маскирната униформа дека е набавена и е доставена, и се задоволни полициските службеници со доставената опрема.
360°: За поминорни работи знаете да направите ПР-настан и да се пофалите. Сега за ова не сме виделе.
Тошковски: Знаете ли зошто не направивме ПР-настан со униформите? Поради тоа што многу мал дел од полициските службеници имаат униформи. Поради тоа не направивме ПР-настан. Поради тоа што не успеавме да ја затвориме најголемата набавка којашто е отприлика три четвртини од вкупниот број, ако не и повеќе од вкупниот број униформи коишто треба да ги набавиме, а се однесува на полициските службеници коишто секојдневно ги гледаме на улиците. И сега не можам да се фалам „браво, ние набавивме за илјада луѓе униформи, ама за седум илјади не набавивме“.
360°: И зошто не успеавте да ја затворите?
Тошковски: Поради тоа што ни падна тендерот по втор пат. Е, поради тоа не набавивме. Поради тоа што едната фирма не го исполнуваше квалитетот којшто требаше да го исполнува, другата фирма имаше доставено повисока цена, второстепена одлучи како што одлучи и тендерот се поништи.
360°: Добро, ова е за униформите за редовната полиција, така?
Тошковски: Е тогаш кога ќе ја набавиме, кога ќе ја добиеме, кога ќе ги облечеме полициските службеници како што заслужуваат, е тогаш ќе имаме и ПР-настан. Не може да имаме ПР-настан само за многу мал дел од полициските службеници коишто добиле униформи.
360°: Тргнавте, тргнавте да кажувате што правите сега со таа набавка…
Тошковски: А, да. Значи, едната компанија го испочитува… видете што е суштината.
360°: Сега зборувате за специјалната полиција, за рамковните спогодби со двете фирми.
Тошковски: Сега зборувам за униформата за специјалците, така е. Таму имало, колку што јас знам, едната компанија ја добила маскирната униформа, другата компанија ја добила да ја произведе еднобојната униформа за специјалците. Маскирната го доставила потребниот квалитет што треба да го има и таа е испорачана. Еднобојната, согласно компанијата којашто прави квалитет на униформите, утврдила дека го нема потребниот квалитет на испорачаните примероци кои биле доставени до Министерството. Компанијата се жалела дека не е точно оти квалитетот не е како што треба, побарала супервештачење да се направи на примероците на квалитетот. Тие биле однесени во странска компанија за анализа на примероци на квалитет. Странската компанија нѐ известила дека не е соодветен квалитетот којшто требало да биде и следните чекори коишто ќе следат се раскинување на договорот и активирање на банкарска гаранција којашто ја имаме. Така што, многу ми е жал, пак ќе кажам, што не успеавме за овие година и пол, веќе две години, да набавиме униформи за сите полициски службеници. Искрено ми е многу жал зашто тоа е факт.
360°: Ова првпат сега го соопштувате за јавноста дека со едната компанија ќе го раскинете договорот. Може да бидете попрецизен? Модното женско студио од Битола е одговорно за маскирните униформи?
Тошковски: Ништо не ми значи она коешто го поставивте како форма во рамки на вашето прашање, но да.
360°: „Ле бранд“, еве, се вика фирмата од Битола.
Тошковски: Не знам како се вика фирмата. Македонската компанија којашто го добила и ги испорачала маскирните униформи, ќе нема да биде предмет на раскинување на договорот и активирање на банкарската гаранција. Странската компанија којашто мислам дека беше српска.
360°: „Памитекс“ се вика.
Тошковски: Со неа би требало да следи постапка на раскинување на договорот и активирање на гаранција.

360°: Смеам ли да заклучам дека имале основа јавно презентираните сомневања за капацитетите и квалитетот на фирмите во времето кога се склучуваа рамковните спогодби?
Тошковски: Да, за едната компанија да, согласно она коешто го имам како информација. И заради тоа ќе биде раскинат договорот и ќе биде активирана банкарска гаранција. Видете, јас сфаќам тезата и логично е така да го поставите прашањето и многу е логично како истражувачки новинари и да се сомневате и да гледате да најдете факти коишто би биле во насока на откривање на одредени незаконски работи итн., итн., и тоа е најнормално и не го осудувам, напротив, го охрабрувам. Ама која е суштината? Суштината е дека многу мал дел од полициските службеници ќе имаат нова униформа, да – факт, согласно бараниот квалитет, да – факт, по цена којашто компарирано со 2020 година е за 13% поскапа од таа што била 2020 година, но гледајќи ги цените на растот на инфлација, испаѓа дека ако имаме инфлација помеѓу 35 и 40%, таа униформа доаѓа 25% поевтина отколку униформата што била набавена во 2020 година, и тоа е факт. Ама каде е проблемот? Проблемот е дека три четвртини, па и повеќе, од униформираните полициски службеници немаат униформа. И еве по стотти пат ги охрабрувам сите компании, особено македонските компании, да учествуваат на тендерот којшто следи.
360°: А зошто не учествуваат? Мислат ли дека е местен? Што е проблемот?
Тошковски: Ама видете сега, вие во минатото кога ќе имате тендери коишто минат со години наназад само ако е еден понудувач и од планина се гледа дека имаме проблем во рамки на кој може да даде понуда поврзана со одредени услови што треба да бидат исполнети и никогаш немало проблем зашто пошто имало само еден понудувач. А сега ние гледаме да направиме максимално конкурентна постапка, максимално колку што може повеќе понудувачи да имаме во рамки на секој еден на секој еден тендер, максимално да ја отвориме, а притоа да го обезбедиме квалитетот којшто е нужен. Заради тоа што навистина македонските полициски службеници заслужуваат пристојна и достоинствена униформа. Тогаш имате проблем. Зошто? Заради тоа што, од една страна, луѓето не се навикнати на отвореност, транспарентност и нормалност во постапувањето и сите велат „а бе ајде, таму договорени се, сега џабе ќе се замараме“. Од друга страна, таквиот континуитет денеска нѐ довел во ситуација да имаме реални проблеми, реални проблеми коишто, како да ви кажам сега, за мене е неуспех тоа што не успеавме да ги облечеме како што треба, што ни е основна работа е таа и должност на Министерството за внатрешни работи е да им даде униформа на полициските службеници. Ние тука треба да се фокусираме и тука треба да ги анализираме и да ги гледаме и од страна на истражувачко новинарство и од страна на одговорни во институциите. Дали имаме квалитет којшто треба да го имаме тоа е првото и основното. Најбитен ни е квалитетот, реално. Второ, дали имаме цена којашто е нормална? Дали имаме цена којашто ги задоволува стандардите од аспект на пазарна цена којашто и те како во минатото не било така. И трето, дали навистина сето тоа ќе даде додадена вредност во рамки на подобрување на како на работата и стандардите во рамки на професионални стандарди во Министерството, особено во делот на обезбедување на подобри услови за живот на македонските граѓани. И сега како пример којшто исто така многупати беше нападнат во минатото, би го издвоил тендерот со возилата. И во рамки на една ваша емисија тој беше издвоен како позитивен пример за тоа како можело да имаме една јавна набавка којашто ќе го даде соодветниот квалитет и повеќе од тој што е баран од една страна, а од друга страна ќе постигне пониска цена при едно електронско јавно наддавање. Е тоа е моделот којшто ние треба да го развиваме.
360°: Ако сте ги гледале овие стории на коишто се повикувате, објаснувањето е дека требало да се обесхрабри електронска аукција затоа што таа не давала соодветни резултати.
Тошковски: И тоа не е лага. И тоа не е лага, реално.
360°: Кај вас даде многу добар резултат електронската аукција…
Тошковски: Се согласувам 200%. Ама тоа коешто го видов како објаснување коешто го даде надлежниот орган тогаш, тоа не е лага. Навистина има такви напатствија коишто не се од сега, се од претходно. Зошто? Има логика и во тоа коешто го говорат реално. Зошто? Заради тоа што велат дека кога има пак електронска аукција, понудувачите од старт одат со многу повисоки цени и ако нема доволен број на конкуренти во постапката, останува повисоката цена, не се симнува надолу, што било многу голема практика во минатото. Зошто? Заради тоа што правеле друг тип на притисоци надвор од асталот и тогаш одела само една фирма. Па, под превезот на демек, електронска аукција, постигнувале цени такви какви што постигнувале.
360°: Но, во вашиот пример не беше така.
Тошковски: Се согласувам и беше многу позитивен пример. Зошто? Заради тоа што имавме повеќе од една, имавме три компании, ако не се лажам таму, коишто понудија одреден квалитет на производи којшто едната компанија не го задоволуваше да речеме, но останаа две компании коишто после тоа се поддаваа со цената, а ги исполнуваа соодветните стандарди коишто требаше да бидат исполнети и навистина Министерството за внатрешни работи обезбеди за далеку пониска цена екстремно добар квалитет на производ којшто беше пофален дури и од страна на сите.
360°: И сега поентата и во овие стории беше таа: да се обезбеди поголема конкуренција за што порационално да се користат народните пари.
Тошковски: Апсолутно се согласувам, се согласувам. И кога јас се прашувам навистина со максимално вложување во делот на охрабрување на компаниите да учествуваат…, електронската аукција би требало да биде со задоволување на квалитетот, квалитетот е услов без кој не се може, така барем ние велиме, правниците, со задоволување на квалитетот којшто би требало да биде врвен. Ако јас се прашувам, еве особено поврзан со сѐ што е Министерството за внатрешни работи, би требало да има електронска аукција. И моето лично барање, еве, и за наредните возила коишто треба да бидат набавени, повторно само обележени… Значи, пак нема да набавуваме необележени возила за да се вози министерот или директорот или не знам кој, туку ќе набавиме повторно само обележени возила за потребите на полициските службеници. Сега мислам дека барањето беше да набавиме не возила со четири седишта туку поголеми, поголеми комбиња, превозни средства за во планина, како минибуси, тоа беа барањата на полициските службеници, но повторно тие сите ќе бидат обележени и повторно моето лично барање и до службите и до оние коишто ги изготвуваат техничките спецификации, ја спроведуваат постапката: минимум пет квалитетни светски компании да може да ги исполнат условите барем за овој тип возила. И ќе видиме што ќе постигнеме сега. Јас ова ви кажувам која е мојата визија, што јас сум побарал од службите и што тие ќе изготват во насока на претходни услови коишто треба да бидат обезбедени. Јас не можам да знам каков ќе биде резултатот за година дена или за шест месеци или за девет месеци од сега, но се надевам дека ќе набавам најквалитетни производи по прифатлива пазарна цена.
