Од Хрватски патишта објавија дека очекуваат официјални и подетални информации од надлежните институции од Босна и Херцеговина за видот и обемот на оштетувањето на мостот и можностите за продолжување на сообраќајот

Уривање на оградата и дел од мостот над Сава кај Градишка на најфреквентниот граничен премин меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина доведе до прекин на сообраќајот, соопштуваат од авто-мото клубот на БиХ и од хрватскиот автомобилски клуб (ХАК).
„Поради оштетување на мостот помеѓу граничните премини ’Стара Градишка’ и ’Босанска Градишка’, целиот сообраќај е во прекин до понатамошно известување“,
објавија тие.
Според првичните информации што ги пренесуваат хрватските и босанските медиуми, нема повредени.
Затворањето на еден од најфреквентните премини меѓу Хрватска и БиХ веднаш предизвика пренасочување на сообраќајот и застој на околните правци. Сообраќајот се пренасочува преку граничниот премин „Славонски Брод“, објави Хрватски патишта, а зголемен сообраќај на патнички возила на излез од Босна и Херцеговина е веќе регистриран на граничните премини „Костајница“, „Козарска Дубица“ и „Градина“.
Според достапните снимки објавени од локалните медиуми во Босна и Херцеговина, се урнала оградата на дел од мостот што бил изграден во почетокот на 60-тите години од минатиот век.
Од Хрватски патишта објавија дека очекуваат официјални и подетални информации од надлежните институции од Босна и Херцеговина за видот и обемот на оштетувањето на мостот и можностите за продолжување на сообраќајот.
Исто така, најавија дека навремено ќе ја информираат јавноста за какви било понатамошни промени во режимот на сообраќај и побараа од возачите разбирање.
Мостот кај Градишка со децении е тесно грло во прекуграничниот сообраќај бидејќи стотици камиони и патнички возила го преминуваат секој ден, а од страната на Босна и Херцеговина само тесен пат води низ населбата, па затоа има чести сообраќајни метежи.
Новиот мост над Сава и граничниот премин сè уште не се во функција поради внатрешни спорови во БиХ.
