Со цел да ги прикријат незаконските активности, тие воопшто не поднеле завршни сметки до Централниот регистар за 2022, 2023 и 2024 година

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против две лица, управители на фирма, како и против самото правно лице, под сомнение за сторено даночно затајување во вкупен износ од 7 426 323 денари.
Пријавените лица, М. Ш. и Ж. Р., се товарат дека свесно и со намера да стекнат противправна имотна корист, во повеќе наврати не пресметале и не платиле данок на добивка во износ од 7 200 200 денари и данок на личен доход во износ од 226 123 денари.
Според истрагата на Финансиската полиција, управителите користеле неколку методи за да ги избегнат законските давачки.
За 2020 година поднеле даночен биланс со лажни податоци за добивката. За 2021 и 2022 година воопшто не поднеле даночни биланси, иако сметководствената евиденција и бруто-билансите на компанијата покажувале остварен финансиски резултат.
Во соопштението од Финансиска полиција се вели дека од банкарските сметки на фирмата подигале пари по разни основи и вршеле плаќања кои не се поврзани со дејноста, без никаква економска оправданост во сметководството.
Со цел да ги прикријат незаконските активности, тие воопшто не поднеле завршни сметки до Централниот регистар за 2022, 2023 и 2024 година.
Со овие дејствија, пријавените директно го оштетиле државниот буџет. Предметот е веќе доставен до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.
